Туристите во Македонија веќе не бараат само сувенири, туку искуства што ќе ги научат нешто ново

Туристите сè почесто се враќаат од патувања не само со фотографии и сувенири, туку и со нови вештини. Според анкета на онлајн платформата за патувања „Гет јор гајд“, на која се повикува „Блумберг Адриа“, околу 31 отсто од туристите денес, особено припадниците на генерацијата Зед, попрво би научиле нешто ново за време на патувањето отколку да купат сувенир.

Од курсеви за готвење во Њујорк до изработка на ножеви во Токио, извештајот покажува дека работилниците и искуствата преку кои туристите стекнуваат конкретни вештини стануваат сè побаран дел од патувањата. Бројот на резервации за вакви активности годинава пораснал за 54 отсто.

Овие податоци покажуваат промена во навиките што со децении беа дел од туристичките патувања. Наместо класичен шопинг и купување предмети за спомен, современите туристи сè повеќе бараат автентични искуства, лична вклученост и можност да научат нешто што ќе го понесат со себе како знаење.

На ова за укажува и Влатко Сулев, претседател на Асоцијацијата за дојдовен туризам на Македонија.

„Луѓето сакаат да бидат вклучени во процеси. Колку што е процесот поавтентичен, кулинарни часови, готвење на одредени традиционални јадења, резбарање и занаетчистки активности“, нагласува Сулев.

Според него, токму ова се тенденциите во светскиот туризам, а Македонија има што да понуди во таа насока. Автентичните искуства, како ручек кај локално семејство, посета на фарма, подготовка на традиционални јадења, занаетчиски работилници, агро и еко активности, можат да станат важен дел од туристичката понуда.

„Вклучување на што е поголем број автентични искуства, ручек кај локална фамилија, ручек на фарма со јаболка. Колку што е можно повеќе агро, еко искуства“, посочува Сулев.

Овој тренд отвора нов простор и за Македонија, особено во руралниот, гастрономскиот и културниот туризам. Наместо туристот само да посети место, новиот модел бара тој да учествува, да научи, да проба и да се поврзе со локалната заедница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс