Францускиот актер и театарски режисер Арно Дени почина во вторникот по извршена доброволна евтаназија во белгискиот град Намур на 43-годишна возраст. Одлуката за прекин на животот доаѓа по повеќемесечна неподнослива физичка болка и тежок инвалидитет, предизвикани од полипропиленска мрежа вградена при операција на препонска кила. Неговиот правен застапник Филип Куртоа соопшти дека телото на Дени целосно откажало, што го принудило правдата за здравствениот систем да ја бара пред белгиските лекари.
Здравствената голгота на Дени започна на 17 јули 2023 година, кога му беше вградена хируршка мрежичка за санација на препонска кила. Наместо закрепнување, хируршкиот материјал предизвика тешка воспалителна реакција и автоимун одговор.
Во април 2024 година, актерот замина во Соединетите Американски Држави за итно отстранување на имплантот. Лекарите таму му дијагностицираа миалгичен енцефаломиелитис во рамки на синдромот АСИА (ASIA), ретка автоимуна реакција предизвикана од надворешни супстанции и импланти. Штетата врз нервниот и имунолошкиот систем веќе беше непоправлива.
Во интервју за регионалниот весник „Дофине либере“ дадено на почетокот на годинава, актерот отворено проговори за својата секојдневна изолираност и физичкото пропаѓање.
„Веќе не можам да излезам од дома, немам општествен живот, воопшто немам живот. Немам повеќе ништо што го прави достоинството на едно човечко суштество. Состојбата станува сè полоша. Живеам како пациент со рак во терминална фаза, а лекарите немаат што да ми понудат“, рече тогаш Дени.
На 18 март тој беше примен на одделот за палијативна нега во Белгија, каде што чекаше одобрување на барањето за евтаназија, постапка што ја одобрија тројца независни лекари.
Паралелно со медицинската битка, Дени го основаше колективот „Француски жртви на протези за кила“, обединувајќи стотици пациенти со слични симптоми по вградување синтетички мрежички. На 5 јануари годинава поднесе кривична пријава до Одделот за јавно здравство при париското обвинителство за нанесување повреди од небрежност.
Париското обвинителство кон крајот на август ја отфрли тужбата со образложение дека нема доволно докази за извршено кривично дело.
Адвокатот Филип Куртоа случајот го нарече тивок скандал во јавното здравство. Според документацијата што ја приложи правниот тим, медицинската компанија „Медтроник“ во писмо до Дени признала дека уредот за зајакнување на стомачниот ѕид може да предизвика акутна и хронична постоперативна болка. Ова предупредување стоело во упатството за уредот „Декстил“, но тие упатства им се достапни само на лекарите, додека пациентите остануваат без информирана согласност за можните ризици.