Студентските организации иницираат зголемување на субвенцијата за студентски оброк, која во моментов изнесува 140 денари дневно.
Паралелно, по поскапувањето на автобускиот превоз, бараат и субвенционирани билети за студентите кои студираат надвор од местото на живеење. За патувањата на релациите Тетово–Скопје и Куманово–Скопје, месечниот трошок може да достигне околу 6.000 денари.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека двете иницијативи ќе бидат разгледани откако официјално ќе стигнат до Министерството за образование и наука.
Таа посочи дека евентуалното зголемување на субвенцијата за оброк, како и поддршката за меѓуградскиот превоз, ќе зависат од буџетските можности и надлежностите на институциите.
„Ќе треба да се направи анализа и потоа ќе им одговориме и на студентите и јавно“, рече Јаневска.