Украина повторно го нападна Кримскиот мост: Русија го запре железничкиот сообраќај

Нападот со украински дронови се случил во текот на ноќта, помалку од два дена по претходниот удар во кој беше урнат дел од мостот. Москва соопшти дека нема жртви, а штетата допрва ќе се проценува.

Украинските сили повторно го нападнаа Кримскиот мост во текот на ноќта, помалку од два дена по нападот во кој се урна цел дел од овој клучен руски транспортен премин, пишува украинскиот весник „Киев индепендент“. Руското Министерство за транспорт соопшти дека железничкиот сообраќај преку мостот привремено е прекинат поради напад со украински дронови во текот на ноќта.

„Во инцидентот нема жртви. Експертите ќе ја проценат штетата“, соопшти министерството.

Повторно погоден по полноќ

Кримскиот мост беше изграден по руската нелегална окупација на Крим во 2014 година и претставува клучна транспортна и снабдувачка рута за руските сили кон окупираните украински територии. Сергеј Аксјонов, рускиот поставен лидер на Крим, потврди дека мостот повторно бил погоден нешто по полноќ, по локално време.

Пред два дена, по операција во седум фази која се спроведувала неколку недели, украинските ракети урнаа дел од мостот во Керченскиот теснец. Тогаш беше прекинат патниот сообраќај, додека железничката врска преку преостанатиот дел од конструкцијата продолжи да функционира.

Поправката може да трае повеќе од една година

„Киев индепендент“ наведува дека не може независно да ги потврди размерите на штетата од најновиот напад.

Кримскиот мост е долг 19 километри и е најдолгиот мост во Европа. Ги поврзува рускиот Краснодарски крај со окупираниот украински полуостров Крим. Мостот и претходно беше мета на украински напади, при што претрпе значителни оштетувања во октомври 2022 и во јули 2023 година, иако ниту еден од тие напади не успеа целосно да го стави надвор од употреба.

Русија вети дека ќе го обнови мостот по нападот од пред два дена, но експертите за „Киев индепендент“ оценуваат дека поправките би можеле да траат една година или подолго и да бараат огромни ресурси.


Повеќе информации се очекуваат во текот на денот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс