Храната повторно ќе поскапува во Европа: Инфлацијата ќе надмине 4 отсто, предупредува ЕК

Европската комисија очекува нов бран инфлаторни притисоци кон крајот на 2026 и почетокот на 2027 година. Иако поскапувањето на енергијата би требало да забави, храната ќе станува поскапа поради повисоките трошоци за енергенси и ѓубрива, но и штетите од летните горештини и суши.

Храната би можела дополнително да поскапи во Европа во текот на 2027 година, иако растот на цените на енергенсите се очекува да забави. Повисоките трошоци за енергија и ѓубрива, како и штетите врз земјоделските култури предизвикани од летните горештини и суши, постепено ќе се пренесуваат врз цените на производите.

Ова е едно од главните предупредувања во најновата есенска економска прогноза на Европската комисија, објавена на 17 ноември. Според неа, економијата на Европската Унија продолжува да расте, но под посилен и подолготраен инфлаторен притисок и со поскапи услови за финансирање. Годишната инфлација во еврозоната во октомври достигнала четири отсто, во споредба со 3,8 отсто во септември. Европската комисија очекува таа да го достигне врвот од над четири отсто кон крајот на 2026 и почетокот на 2027 година, по што постепено би почнала да се намалува.

За целата Европска Унија се прогнозира просечна инфлација од 3,3 отсто во 2026 и 3,2 отсто во 2027 година. Во еврозоната прогнозата изнесува 3,2 отсто за годинава и 3,1 отсто за следната година. Поголемо олеснување се очекува во 2028 година, кога инфлацијата во ЕУ би се намалила на 2,3 отсто.

Зошто храната би можела дополнително да поскапи?

Иако поскапувањето на енергијата се очекува да забави во текот на 2027 година, цените на непреработената храна би можеле да растат побрзо. Причината е што земјоделското производство со задоцнување ги чувствува последиците од повисоките цени на енергенсите и ѓубривата.

Дополнителен притисок создаваат и екстремните временски услови. Летните горештини и суши во 2026 година предизвикаа штети врз земјоделските култури, што може да ја намали понудата и да ги зголеми производствените трошоци. Потоа, поскапувањето постепено би можело да се прелее и врз преработената храна, предупредува Европската комисија.

Тоа значи дека и кога цените на енергијата ќе почнат да се стабилизираат, потрошувачите нема веднаш да го почувствуваат олеснувањето во продавниците. Повисоките трошоци за производство и снабдување може да продолжат да влијаат врз цените на храната и во следниот период.

Поскапувањето го намалува животниот стандард

Повисоките трошоци за живот го забавуваат растот на реалните расположливи приходи на домаќинствата. Европската комисија очекува растот на приватната потрошувачка во ЕУ да забави од 1,3 отсто во 2026 на 1,1 отсто во 2027 година. Со други зборови, иако приходите на домаќинствата може номинално да растат, поголем дел од нив ќе оди за покривање на основните трошоци, особено за храна, енергија и домување. Високите каматни стапки дополнително ја кочат станбената изградба, а построгите услови за кредитирање ги ограничуваат инвестициите.

Економијата на ЕУ, сепак, се покажала поотпорна од очекуваното во првите три квартали од 2026 година. Европската комисија прогнозира раст на БДП од 1,4 отсто во 2026 и 2027 година, а од 1,5 отсто во 2028 година. За еврозоната се очекува раст од 1,2 отсто во следните две години и 1,3 отсто во 2028 година.

Но, поскапата енергија, повисоките каматни стапки и неизвесноста на глобалните пазари и понатаму претставуваат ризик за економскиот раст.

Поголем дефицит и јавен долг во ЕУ

Европската комисија предупредува и на влошување на јавните финансии. Вкупниот буџетски дефицит на земјите членки на ЕУ би требало да порасне од 3,1 отсто од БДП во 2025 на 3,6 отсто во 2026 година. За 2027 година се прогнозира 3,7 отсто, а за 2028 година 3,8 отсто. Зголемувањето се поврзува со поголемите издвојувања за одбрана, повисоките трошоци за сервисирање на долгот и мерките со кои владите ги ублажуваат последиците од високите цени на енергијата за домаќинствата и компаниите.

Уделот на јавниот долг во БДП на ЕУ би можел да порасне од 82,6 отсто во 2025 на 85,6 отсто во 2028 година. Во истиот период, трошоците за камати би достигнале 2,4 отсто од БДП, највисоко ниво во повеќе од една деценија.

Комисијата предупредува дека нови нарушувања на глобалниот пазар на енергија, вооружените конфликти, трговските тензии и екстремните временски услови би можеле дополнително да ја влошат економската слика. Од друга страна, побрзото усвојување на вештачката интелигенција би можело да ја зголеми продуктивноста и да го поттикне растот.


„Европската економија во 2026 година се држи подобро отколку што се очекуваше. Но, тоа не можеме да го земеме здраво за готово, ниту можеме да се задоволиме само со отпорноста“, изјави Валдис Домбровскис, европски комесар за економија и продуктивност. Тој повика на зачувување на стабилноста на јавните финансии, зајакнување на конкурентноста и создавање услови за посилен долгорочен раст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс