И по сум години најчестите лозинки и понатаму се „123456“ и „admin“

Новото издание на листата на 200 најчесто користени лозинки на „Нордпас“, составена врз основа на податоци од безбедносни инциденти, речиси не се разликува од претходните. Корисниците и понатаму избираат едноставни комбинации што лесно се погодуваат.

„123456“ и по осум години останува најкористената лозинка во светот. Новата листа на 200 најчесто користени лозинки, објавена од „Нордпас“ и составена врз основа на податоци од безбедносни инциденти, покажува дека корисниците речиси и да не ги менуваат своите лоши безбедносни навики. Истата комбинација била на првото место во седум од последните осум години, а и остатокот од листата во голема мера се совпаѓа со претходните изданија.

Првите три позиции остануваат непроменети во текот на целиот период во кој „Нордпас“ ја објавува листата: „123456“, „admin“ и „12345678“. Ниту останатите популарни лозинки не покажуваат голема разновидност. Единствената позначајна промена меѓу првите десет е влегувањето на уште пократката комбинација „1234“. Во меѓувреме, вечниот фаворит „password“ паднал од шестото на седмото место.

Наместо лозинки, користете пристапни клучеви

„Нордпас“ препорачува корисниците, каде што е можно, да ги заменат класичните лозинки со биометриска потврда на идентитетот или со пристапни клучеви (passkeys). За оние што и понатаму користат лозинки, активирањето на повеќефакторската автентикација е особено важно. Таа додава дополнителен слој на заштита, така што самата лозинка не е доволна за пристап до сметката.

Експертите советуваат да се избегнуваат и лозинки составени од поими поврзани со актуелни трендови во поп-културата. На пример, зборот „minecraft“ на почетокот на 2000-тите бил користен при автоматизирани обиди за погодување познати лозинки. Во последните години слична популарност има и изразот „skibiditoilet“.


Проблемот не е само во тоа што едноставните лозинки лесно се погодуваат, туку и во тоа што нивната повторна употреба на различни платформи може да овозможи пристап до повеќе кориснички сметки со една украдена комбинација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс