Турците најбројни туристи во Македонија: Речиси 28 илјади ја посетиле земјава во септември

Речиси 28 илјади туристи од Турција ја посетиле Македонија во септември 2026 година. Вкупно се регистрирани 136.305 туристи и 264.370 ноќевања.

Македонија во септември 2026 година ја посетиле 136.305 туристи, кои оствариле вкупно 264.370 ноќевања, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Странските туристи и во овој месец биле доминантни, со учество од 75,1 отсто во вкупниот број посетители. Од нив, 102.370 биле странски, додека 33.935 биле домашни туристи. Во споредба со септември минатата година, вкупниот број туристи е зголемен за 2,5 отсто.

Најголем број странски гости дошле од Турција – 27.933 туристи. На второто место е Србија со 8.358 посетители, а по неа следуваат Германија со 6.633 и Полска со 4.656 туристи. Интересно е што растот на бројот на посетители го предводат домашните туристи. Нивниот број во септември е зголемен за 3,6 отсто, додека кај странските туристи растот изнесува 2,1 отсто.

Кај ноќевањата, септември бележи поинаква слика. Вкупно се реализирани 264.370 ноќевања, што е раст од само 0,6 отсто во споредба со истиот месец лани. Домашните туристи оствариле 89.295 ноќевања, односно 7,1 отсто повеќе, додека странските реализирале 175.075 ноќевања, што претставува намалување од 2,3 отсто.

Над 1,1 милион туристи во првите девет месеци

Кумулативните податоци за периодот од јануари до септември 2026 година покажуваат позитивни движења во туристичкиот сектор. Во првите девет месеци земјава ја посетиле 1.122.264 туристи, што е за три отсто повеќе во однос на истиот период минатата година. Бројот на домашните туристи пораснал за 2,8 отсто, а на странските за три отсто.

Уште поголем раст е забележан кај ноќевањата. Од јануари до септември се регистрирани 2.958.747 ноќевања, што е зголемување од 3,5 отсто на годишно ниво. Домашните туристи оствариле 1.572.838 ноќевања, или 2,4 отсто повеќе, додека странските туристи реализирале 1.385.909 ноќевања, со раст од 4,6 отсто.


Податоците покажуваат дека странските гости и натаму имаат најголемо учество во вкупниот број туристички посети, додека растот на ноќевањата во првите девет месеци укажува на зголемена туристичка активност во земјава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс