Воздухопловната несреќа кај Чарки Дадри, што се случи на 12 ноември 1996 година, останува една од најтешките трагедии во историјата на цивилното воздухопловство. Во воздушниот простор над селото Чарки Дадри, во близина на Њу Делхи, се судрија два авиона – „Боинг 747“ на саудиската авиокомпанија „Сауди ерабиан ерлајнс“, кој летал од Њу Делхи кон Џеда, и „Иљушин Ил-76“ на казахстанската авиокомпанија „Казахстан ерлајнс“, кој се приближувал кон индискиот главен град.
Во судирот загинаа сите 349 патници и членови на екипажите. Несреќата стана најсмртоносниот судир меѓу два авиона во воздух дотогаш и една од најтешките воздухопловни катастрофи во светот.
Како дошло до судирот?
Истрагата утврдила дека несреќата била последица на повеќе фактори, меѓу кои клучни биле проблемите во комуникацијата и грешката на пилотите на казахстанскиот авион. Авионот „Иљушин Ил-76“ се наоѓал на помала висина од пропишаната во моментот на судирот, додека саудискиот „Боинг 747“ ја одржувал висината што му била одредена во фазата на полетување.
Контролорите на летање во Њу Делхи претходно му дале јасни инструкции на казахстанскиот екипаж да одржува одредена висина. Но, дошло до недоразбирање бидејќи пилотите не ги разбрале правилно упатствата, делумно поради недоволното познавање на англискиот јазик и ограниченото искуство со меѓународните воздухопловни стандарди.
Англискиот јазик е стандард за комуникација во меѓународниот воздушен сообраќај, па јазичната бариера сериозно ја отежнала комуникацијата меѓу екипажот и контролата на летање. Истрагата открила и дека пилотите на „Казахстан ерлајнс“ биле под стрес поради густиот воздушен сообраќај во близина на главниот индиски аеродром. Дополнителен проблем биле и ограничените можности на инструментите во авионот, што го отежнувало прецизното одржување на висината.
Трагедијата доведе до нови безбедносни правила
Последиците од несреќата биле далекосежни. Индиските власти и меѓународните воздухопловни организации реагирале со воведување дополнителни безбедносни мерки. Меѓу најважните промени била задолжителната употреба на системот за предупредување за судир во воздух, познат како ТКАС (TCAS), за авионите што оперираат во индискиот воздушен простор.
Системот ги предупредува пилотите кога во близина има друг авион и им дава насоки за избегнување судир. По трагедијата кај Чарки Дадри, неговата употреба станала задолжителна во повеќе држави, што придонело за подобрување на безбедноста во воздушниот сообраќај. Несреќата предизвикала широка меѓународна дебата за безбедноста на летањето, комуникацијата меѓу пилотите и контролорите, како и потребата од поефикасни системи за спречување судири.
Со текот на годините, трагедијата сè поретко се споменувала во јавноста, особено по други големи воздухопловни несреќи. Но, судирот над Индија останува важен потсетник дека во воздухопловството и најмало недоразбирање може да има катастрофални последици, поради што прецизната комуникација и безбедносните протоколи се од суштинско значење.
