Светот се приближува кон опасно и потенцијално неповратно надминување на границите на глобалното затоплување, предупредува новиот извештај на иницијативата „Климат екшн трекер“ (Climate Action Tracker – CAT). Според анализата, без итно напуштање на фосилните горива и забрзано намалување на емисиите на стакленички гасови, последиците од климатската криза ќе стануваат сè потешки.
Извештајот беше објавен додека земјите се состануваат на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (КОП31) во Турција. Во него се предупредува дека заедничкото дејствување против климатските промени стагнира петта година по ред.
И покрај тоа, постојат и позитивни сигнали. Чистата електрична енергија во 2025 година ја задоволила целата дополнителна глобална побарувачка за енергија. Кина и Индија бележат рекордно брзо користење обновливи извори, продажбата на електрични возила достигнува нови врвови, а уништувањето на шумите во Амазонија бележи значителен пад.
Но, според CAT, преминот кон алтернативи на фосилните горива не се одвива доволно брзо. Токму согорувањето на јаглен, нафта и гас за транспорт, греење, производство на електрична енергија и индустрија е главниот извор на емисиите што го поттикнуваат глобалното затоплување.
Истовремено, растечката побарувачка за енергија и изградбата на нова инфраструктура за фосилни горива придонесуваат емисиите дополнително да растат.
Според актуелните политики што владите ги спроведуваат за справување со климатските промени и поттикнување на чистата енергија и технологиите, светот е на пат кон затоплување од 2,7 степени Целзиусови до 2100 година. Тоа е малку повеќе од минатогодишната процена од 2,6 степени и исто колку што беше предвидувано во периодот од 2021 до 2024 година.
Дури и исполнувањето на климатските ветувања не е доволно
Дури и ако владите ги исполнат целите за намалување на емисиите за 2030 и 2035 година, утврдени со Парискиот климатски договор, затоплувањето би достигнало 2,6 степени Целзиусови. Парискиот договор има цел глобалното затоплување да се ограничи на 1,5 степени во однос на прединдустриското ниво, со што би се избегнале најопасните последици од климатските промени.
Во најоптимистичкото сценарио, во кое земјите ќе ги исполнат сите ветувања, национални цели, долгорочни планови и обврски за постигнување нето-нула емисии, затоплувањето до крајот на векот би изнесувало 1,9 степени. Се очекува светот веќе во следните неколку години да ја надмине границата од 1,5 степени. Затоа експертите предупредуваат дека сега е клучно да се ограничи колку долго и колку високо ќе трае тоа надминување, со цел температурите до 2100 година повторно да се спуштат под 1,5 степени над прединдустрискиот просек.
Бил Хејр, извршен директор на организацијата „Климат аналитикс“ (Climate Analytics), партнер на иницијативата CAT, вели дека владите се соочуваат со јасен избор: да продолжат да ја поддржуваат индустријата за фосилни горива или да се свртат кон решенијата што веќе постојат и се поевтини од кога било.
Според него, продолжувањето на зависноста од фосилните горива би ја изложило човечката цивилизација на огромни економски штети, зголемена смртност поради топлотни бранови и болести поврзани со климатските промени, како и катастрофи на кои општествата нема да можат да се приспособат.
Тој предупредува дека фактот што светот е на прагот на надминување на границата од 1,5 степени не смее да биде причина за откажување од климатските цели. Напротив, фокусот мора да остане на забрзување на мерките со кои ќе се ограничи обемот и времетраењето на затоплувањето. Секој дополнителен степен над границата од 1,5 степени носи уште потешки последици за климата, природата и човечките системи.
Фосилните горива ја продлабочуваат климатската криза
Научниците предупредуваат дека надминувањето на границата од 1,5 степени ќе доведе до почести и поекстремни временски појави, меѓу кои смртоносни топлотни бранови, поплави, бури и суши. Се очекува и забрзување на растот на нивото на морето, како и можност за катастрофално и неповратно нарушување на природните системи, вклучувајќи ги коралните гребени и дождовните шуми.
Анализа објавена претходно оваа недела од иницијативата „Глобален јаглероден буџет“ (Global Carbon Budget) покажува дека емисиите на јаглерод диоксид од фосилните горива годинава би можеле благо да се намалат, за 0,4 проценти. Тоа се поврзува со ширењето на капацитетите за производство на енергија од сонцето и ветерот, но и со конфликтот во Иран.
Никлас Хене од Институтот „ЊуКлајмат“ (NewClimate Institute), исто така партнер на CAT, смета дека затворањето на Ормускиот Теснец ја покажува ранливоста на светот на геополитички потреси. Според него, аргументите во корист на обновливите извори на енергија и електрификацијата никогаш не биле посилни.
Тој оценува дека глобалните емисии можеби се приближуваат до својот врв, по што би можело да следува нивно значително побрзо намалување отколку што се предвидувало претходно. Сепак, Сара Хек, аналитичарка за климатски политики во „Климат аналитикс“ и главна авторка на извештајот, предупредува дека владите едноставно не спроведуваат доволно брзи мерки за да се избегне долгорочно надминување на климатските цели.
Некои земји дури го забавуваат темпото на климатските политики или прават сериозни отстапки. Меѓу нив ги посочува САД, Канада и Нов Зеланд.Според процените на CAT, тоа значи дека долгорочното глобално затоплување може да ја надмине границата од 1,5 степени околу 2030 година.
За надминувањето да биде што помало, извештајот пресметува дека намалувањето на емисиите мора значително да се забрза. Од сегашното потребно темпо од околу четири проценти годишно до 2030 година, намалувањето треба да достигне седум проценти годишно во првата половина на триесеттите години, а потоа девет проценти годишно во периодот од 2035 до 2050 година.
За споредба, во 2020 година емисиите на јаглерод од фосилните горива се намалија за седум проценти, но тоа беше последица на глобалните ограничувања и затворања воведени за време на пандемијата на ковид-19.
Пораката на извештајот е дека климатската транзиција веќе има достапни и сè поконкурентни решенија, но без многу побрза политичка акција светот ризикува да ја премине границата по која последиците ќе бидат сè потешки за спречување.
