Тројца под истрага за загадената вода во Гостивар: Пумпале вода со колиформни бактерии во системот за пиење

Тројца вработени во ЈП „Комуналец“ Гостивар се под истрага за загадувањето на водата за пиење. Обвинителството тврди дека со пумпи внесувале вода со колиформни бактерии во водоводниот систем.


Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага против три лица од ЈП „Комуналец“, осомничени дека со поставување потопни пумпи пренеле загадена вода со колиформни бактерии во системот за водоснабдување, поради што водата станала небезбедна за пиење.
Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица осомничени за тешки дела против животната средина и природата, поврзани со загадување на водата за пиење во Гостивар.

Осомничени се вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи.

Според Обвинителството, тие на 25 јуни им наредиле на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода за да го тестираат притисокот во системот. При увид извршен на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште работеле и преку црева пренесувале вода од отворениот канал директно во преливната комора на системот за водоснабдување.

Со тоа дошло до мешање на загадената вода со водата за пиење во главниот цевковод.

Анализите на Институтот за јавно здравје покажале екстремно високо присуство на колиформни бактерии во површинската вода – 2.419,6 cfu/100 мл, иако максимално дозволената вредност е 50 cfu/100 мл.

Во примероците од каптираниот извор биле утврдени 39 cfu/100 мл колиформни бактерии, иако според стандардите нивното присуство треба да биде нула.

Дополнително, анализата на примерок од чешма на улицата „ЈНА“ во Гостивар покажала и зголемена концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л, што е значително над дозволената граница од 0,5 мг/л.

Обвинителството оценува дека поради сериозното загадување водата станала небезбедна за употреба и консумирање, а последиците не можат лесно да се отстранат.

Тројцата осомничени се лишени од слобода, а во текот на денот јавен обвинител ќе одлучи дали ќе побара определување мерки за обезбедување на нивното присуство во постапката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс