Наташа Поповиќ, Бисера Чадловска и Сања Арсовска

Наташа, Бисера и Сања: Креаторките на Охридско лето кои создаваат поинаков свет

Охридско лето е еден од најзначајните културни фестивалски настани кај нас и оваа година ќе се одржува по 63-ти пат на неколку сцени во Охрид. На подигнување на реномето на фестивалот влијае најмногу квалитетот на програмата, но и членството во Европската асоцијација на фестивали.

„Охридско лето“  уште од 1994 година е дел од Европската асоцијација на фестивали – ЕФА.  „Јас, како почесен делегат  на ЕФА, успесите на фестивалот ги презентирав во 2019 година на годишното Генерално собрание на Асоцијацијата што се одржа во Лисабон, Португалија. Тогаш, европските делегати едногласно ја дадоа поддршката „Охридско лето“ да се искачи на високото трето место во Асоцијацијата  која вклучува 100 фестивали од 40 земји.  Годинава фестивалските успеси ги претставив на Самитот на уметнички фестивали во Гирона, Шпанија во чии рамки се одржа и 70. Генерално собрание на ЕФА. Членството уште еднаш ни потврди дека сме на вистинскиот пат во нашата интернационална афирмација и дека сме еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во европското семејство.  Тоа е огромен успех за нас и нѐ мотивира секоја година да бидеме сѐ поуспешни и поуспешни“, посочи Наташа Поповиќ, директорка на фестивалот. Импресиите од подготовките, предизвиците при организација, како и за важноста на програмата и исполнување на очекувањето на публиката, покрај Поповиќ, ни ги пренесуваат Бисера Чадловска, музичката селекторка и Сања Арсовска, драмска селекторка на Охридско лето.

Наташа Поповиќ

Трн: Ако направите ретроспектива каде го лоцирате растот на фестивалот, во делот на програмата, во организацискиот дел или во бројноста на публиката?

Наташа: Фестивалот расте од година во година во секоја смисла. Квалитетот е нашата алфа и омега во креирањето на програмата. Најбитно ни е да донесеме етаблирани уметници во своите области  кои долго ќе останат врежани во сеќавањата на посетителите. Исто така, и во организацискиот дел, се трудиме, фестивалот да функционира беспрекорно и на најдобар можен начин да се завршат сите подготовки. Да бидам искрена, непредвидливи ситуации се случуваат и за време на одржување на фестивалот, но и тие се решаваат  тимски во од. Што се однесува до публиката, таа е нашиот мотив, но и најголем поддржувач, и затоа  настојуваме  да го донесеме најдоброто. Во редовите има стручна публика, но и посетители кои се вљубеници на класичната музика и театарот од сите генерации. Се трудиме и мислам дека успеваме, по завршувањето на концертот или претставата да ги испратиме со насмеани и задоволни лица и да го задоволиме сечиј вкус.

Трн: Што ставивте во фокусот на фестивалот за да кажеме дека музичкиот дел на Охридско лето е една целина?

Бисера:  Пред сè, водев сметка да понудиме избор за различни музички вкусови. Сметам дека фестивалот не треба да се ограничи само на класични концерти, така што оваа година ќе понудиме класични концерти, рецитали, хорска музика, џез, фадо… Во фокусот на фестивалот првенствено е квалитетот на изведувачите, по кој критериум и се водиме уште од самиот старт, за време на изборот на изведувачите. Има неколку поголеми настани, но слободно можам да кажам дека оваа година сите учесници се многу интересни за публиката.

Трн: Колку ќе бидат од домашна продукција, колку од надвор, која претстава го прави фестивалот значаен и голем?

Сања: Наjголемиот и најзначаен настан во театарската програма годинава е гостувањето на славниот Џон Малкович во претставата “Исповедта на серискиот убиец” во режија на Михаил Штурминген која ќе биде прикажана на 26 јули на сцената на античкиот театар. На оваа претстава се надоврзуваат интернационалните претстави “Ана Карењина” од Толстој во продукција на Ујвидеки Шинхаж од Нови Сад, а во режија на Дејан Пројковски, “Нора” на Ибзен на Градскиот театар од Љубљана во режија на Нела Витошевиќ, Офф Бродвеј претставата на Стивен Фридмен “Бикот на Фаларис”, а фестивалот ќе го затвори Градскиот театар од Белград со претставата “Лагата” од Флориан Зелер во режија на Никола Љуца. Од домашните театри селектирани се три претстави, Велешкиот театар “Џинот” доаѓа со “Едвард Втори” од Христофер Марлове, режирана од Андриј Жолдак, Охридскиот народен театар со “Сергеј е многу глуп” од Димитри Данилов, а во режија на Дајана Николовска и Прилепскиот театар “Војдан Чернодрински” со Бокачовата “Декамерон”, режирана од Мартин Кочовски.

Бисера Чадловска

Трн: Дали при креирање на програмата се следи сензибилитетот на фестивалот, навиките на публиката или секогаш има место за експериментирање? Кој рецепт е поуспешен?

Бисера: Секогаш е комбинација на многу нешта. Прво, секој селектор е со различен сензибилитет и нормално е и тоа да влијае врз изборот на програма. Навиките на публиката треба да се следат, но лично сум противник да сме робови на навики. Секогаш треба да се најде златна средина за да се испочитуваат одредени навики, но да се обидеме и да понудиме содржини кои до сега можеби не биле понудени. Музиката како уметност содржи безброј различни жанрови кои треба да и се понудат на публиката.

Трн: Што може публиката да очекува летово, на колку локации ќе има настани и колку тие локации се автентични и му даваат дополнителна вредност на фестивалот?

Наташа: На „Охридско лето“ не може да се замисли концерт без црквата „Света Софија“ која плени со извонредната акустика така што најголемиот дел од концертите се одржуваат во неа. Исто така, и во Предворјето на оваа прекрасна црква во срцето на Охрид се одржуваат бројни концерти, промоции на книги, изложби, па и театарски претстави. По традиција, Античкиот театар е резервиран за свеченото отворање на фестивалот кога ни доаѓа многубројна публика од земјава и регионот, претставници на дипломатските претставништва во нашата земја, најголемиот дел од политичкиот естаблишмент и многу, многу гости. Дел од настаните на фестивалот се одржуваат токму тука. Матичната сцена на фестивалот, Долни Сарај, е исто така дел од локациите каде што се одвива фестивалската програма, а како алтернатива поради најавен дожд или поради неможност сценографијата да се постави на отворено, ги користиме и сцените на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Трн: Според кои принципи се прави селекцијата на претставите? 

Сања: На прво место е секогаш принципот на квалитет и високо изразена уметничка амбиција на претставите. Вториот се однесува на интернационалните претстави, а тој е претставата да има екслузивно прикажување на Охридско лето без претходно да е прикажана на некоја сцена во македонските театри. 

Сања Арсовска

Трн: Што е заедничкото за претставите годинава, дали можеме да ги поврземе во некој општествен контекст за фестивалот да испрати порака/став?

Сања: Претставите се со различни стилови на игра,  режисерски естетики и драмски наративи, но, сврзно ткиво на речиси сите нив е што се бават со човекот како феномен, со неговата психолошка свест, неговата борба да се носи со одлуките, способноста да го поднесе товарот, се бават со малите и безначајни животи во споредба со големите временските текови на настаните, со лагите во кои сакаат луѓето да веруваат, постапките кои предизвикуваат штета наоколу, со унверзалниот порив да дадат печат на своето постоење, без притоа да водат сметка на ефектот од нивната егзистенција и дејствување.

Трн: Што е на распоредот за отворање на фестивалот, а што ќе види публиката на затворање? Дали програмата е посветена на некои општествено важни процеси и колку преку неа фестивалот го испраќа својот став во однос на тие прашања?

Наташа: Годинава за свеченото  отворање на 12 јули на Античкиот театар имаме грандиозен концерт  со романската оперска дива Анџела Георгиу. Оваа гламурозна сопранистка ќе настапи  заедно со  Оркестарот на  Националната опера и балет на Северна Македонија и под диригентската палка на маестро  Чипријан Теодорашку од Романија. Фестивалската завеса на 20 август ќе биде затворена со театарската претстава „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во изведба на актерите од  Драмски театар Белград, Србија. Се разбира и помеѓу отворањето и затворањето имаме исклучително добра програма која ќе ги задоволи вкусовите на публиката. Нашата мисија е да  ја славиме  убавината на уметноста и да го шириме универзалниот јазик во светот, јазикот на уметноста.

На овогодинешното Охридско лето публиката ќе има можност да слушне изведби на навистина завидна бројка на инструменталисти и вокални интерпретатори. Со музичкиот селектор на фестивалот, Бисера Чадловска, поразговаравме околу музичката програма, предизвиците, фестивалски фаворити и слично.

Трн: Колку инструменти на колку концерти ќе ни засвират на Охридско лето, кој е вашиот фаворит со кој фестивалот може да се гордее летово?

Бисера: Не ја знам точната бројка на учесници, бидејќи се работи за музичари кои ќе изведуваат солистички концерти, како и членови на различни ансамбли и оркестри. Во секој случај, се работи за навистина квалитетни изведувачи, почнувајќи од самото отворање, на кое ќе настапи една од најголемите оперски ѕвезди на денешнината, сопранот Ангела Георгиу, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет, под диригентство на маестро Циприан Теодораску Артаманов.

Трн: Со кои предизвици се соочувате при подготовките на Охридско лето и дали сте подготвени за големите ансамбли?

Бисера:  Предизвиците во организациска смисла се секогаш исти, почнувајќи од изборот на уметници, па се до нивното доаѓање во Македонија, сметсување и реализација на настанот за кој се ангажирани. Во делот на домашните уметници, најголем предизвик е организирањето на настапите на поголемите ансамбли, како на пример оркестарот или хорот кој настапува на отворањето, без разлика кој од двата професионални државни оркестри кои ги имаме настапува. Но тоа се работи на кои сме навикнати, јас освен што сум музички селектор на фестивалот, првенствено сум диригент во Националната опера и балет и многу добро ја познавам работата и од едната и од другата страна.

Трн: Колку современиот театар и театарската игра се одраз на времето и светот, на она што не окупира во секојдневието и колку е важно Охридско лето да зборува низ театарската програма?

Сања: Ако театарот е медиум, тогаш Охридско лето е предавател на тој медиум, генератор на цивилизациски и уметнички вредности. Иако е фестивал со хибридна форма, театарската програма мора да е таа која го покажува ликот на времето во кое живееме. И не само што треба да е одраз, туку треба и да потрикне промена, општествена, политичка, лична. Не може театарот, а со тоа ни Охридско лето, да го промени светот, но може да создаде милиони микро светови кои ќе се втурнат во потрага по поголема промена. 

Трн: Има ли место за обичниот човек за да може да се идентификува со театарот, и следствено на тоа можат ли претставите да понудат креативни решенија за навидум обичните, но безизлени ситуации?

Сања:  Апсолутно, да. Всушност, потребата на обичниот човек да оди во театар, па макар и да ја гледа најлесната и површна пиеса, е за да се види себе или да види некој друг во огледало, за да се препознае, да се спознае, да ги согледа своите грешки, да се соочи, да интервенира во своето однесување, да иронизира цело опшествени настани, да романтизира за совршени модели. Тоа некогаш на гледачот му предизвикува смеа, но некогаш му отвара рани, го боли и пече. Театарот е најискрената измама, во театарот знаеш дека на сцена се актери кои вешто те лажат играјќи туѓи животи, но ти им веруваш и додека ги гледаш тие со својата емотивна вештина ти ги поместуваат органите, ти ги реметат чувствата и те менуваат како човек. 

Инаку, Фестивалот е основан во 1961 година и се одржува секоја година во периодот од 12-ти јули до 20-ти август во Охрид, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од Министерството за култура, Локалната самоуправа, како и бројни спонзори и донатори.

Фестивалот „Охридско лето“ во 2009, 2013, 2014 и 2015 година е прогласен за најголем туристички настан, награда која Министерството за економија ја доделува по повод Светскиот ден на туризмот – 27 септември. Дејноста на НУ „Охридско лето“ е од национално значење и интерес за Република Северна Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни