Од Струга до Холивуд – „Што ми е мило“ стана светски хит

Песната е дел од официјалниот саундтрак на „The Rivals of Amziah King“, американски нео-вестерн криминалистички филм во кој Меконахи ја толкува главната улога.

Една од најпознатите македонски народни песни, „Што ми е мило“, доби нова светска сцена – овојпат во холивудски филм со оскаровецот Метју Меконахи.

Песната е дел од официјалниот саундтрак на „The Rivals of Amziah King“, американски нео-вестерн криминалистички филм во кој Меконахи ја толкува главната улога.

Особено интересно е што во филмот е употребена верзија на „Што ми е мило“ изведена од Kitka Women’s Vocal Ensemble, со Shira Kammen и Peter Maund, со аранжман на Ethel Raim и Kitka.

Песната, која во својот оригинален мотив зборува за желбата да се има дуќан во Струга, да се седи на кепенците и да се гледаат струшките моми како одат по вода со шарени стомни, така повторно патува далеку од својот извор.

Токму оваа слика од секојдневниот живот станала основа за една од најпрепознатливите македонски фолклорни мелодии во меѓународните кругови.

Од Струга до американската телевизија

Една од најпознатите меѓународни изведби е и онаа на американската вокална фолк-група The Pennywhistlers.

Групата, предводена од Ethel Raim, во 1960-тите се занимавала со музика од Источна Европа и во својот репертоар ја вклучила „Shto Mi E Milo“, претставувајќи ја како песна од Македонија. Песната се најде и на нивниот албум Folksongs of Eastern Europe, издаден од Nonesuch во 1966/1967 година.

Но, приказната не завршува тука.

The Pennywhistlers ја извеле песната и во популарната американска телевизиска емисија „Rainbow Quest“ на Pete Seeger во 1966 година. Снимката денес повторно кружи на YouTube и е една од причините поради кои песната е позната и меѓу љубителите на европската фолклорна музика во САД и пошироко.

Песна која го освои светот на народните ора

Особено интересна е нејзината приказна во меѓународната сцена на International Folk Dancing.

Во западните фолклорни кругови верзијата на The Pennywhistlers станала многу препознатлива, а песната често се поврзува со македонското лесното и со карактеристичниот 7/8 ритам. Истражувачите и познавачите на фолклорната сцена забележуваат дека токму оваа троделна вокална верзија станала особено популарна надвор од Балканот.

Интересно е што во Македонија постојат и други варијанти на песната. Една од нив, „Што ми е мило ем драго“, се појавува во 9/16 ритам и е поврзана со деветорката. Според истражувањата за песната, станува збор за сродни текстови, но со различни мелодиски и ритмички форми.

Песната е постара од славната американска изведба

Иако изведбата на The Pennywhistlers од 1960-тите е најпознатата меѓународна верзија, песната не потекнува од нив.

Постојат записи и податоци за постари изведби. Еден од изворите што ја следи историјата на песната наведува снимка од околу 1927 година, кога српскиот тенор Мијат Мијатовиќ ја снимил песната под наслов „Na Struga dućan da imam“, при што била означена како „македонска народна песна“. Постои и снимка од 1929 година под сличен наслов.

Тоа покажува дека мотивот за дуќанот во Струга и момите што одат по вода е присутен во репертоарот многу пред песната да стигне до американската фолк-сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс