Филмот „Spider-Man: Brand New Day“ стана најуспешното остварување во историјата на северноамериканскиот бокс-офис, надминувајќи ја заработката на досегашниот рекордер „Star Wars: The Force Awakens“. Продукцијата на Сони пикчрс (Sony Pictures) за 47 дена прикажување во кино-салите во САД и Канада инкасираше 936,8 милиони долари, со што го надмина резултатот што франшизата на Лукасфилм го држеше од 2015 година.
Рекордот падна за време на седмиот викенд од прикажувањето. Филмот тогаш заработи дополнителни 8,4 милиони долари на домашниот пазар и се помести на втората позиција на гледаност, зад продолжението „Practical Magic 2“.
Бројките од кино-благајните покажуваат дека патот до рекордот беше исклучително брз. За споредба, „The Force Awakens“ во декември 2015 година го постави рекордот за само 20 дена со почетни 760,5 милиони, за на крајот од кино-дистрибуцијата да застане на 936,6 милиони долари. Спајдермен сега влегува во осмата недела од дистрибуцијата, со реални изгледи да стане првиот филм што надминал милијарда долари само на северноамериканското тло.
На светско ниво, новиот дел за човекот-пајак досега собра 2,4 милијарди долари. Околу 62 отсто од вкупните приходи доаѓаат од меѓународните пазари надвор од Северна Америка, каде границата од една милијарда долари беше достигната за шест дена.
На вечната глобална листа на Box Office Mojo, филмот засега гледа во грб само на два наслови: „Avengers: Endgame“ од 2019 година со заработени 2,8 милијарди и „Avatar“ од 2009 година, кој држи недостижни 2,9 милијарди долари. Двата филма имаа значително поголем удел на меѓународната публика, со 69,3 односно 73,1 отсто од вкупната сума.
Серијата успеси започна со самото деби на 31 јули. Долгоочекуваното продолжение на „Spider-Man: No Way Home“ за првиот викенд инкасираше околу 360 милиони долари во САД и Канада, надминувајќи го дотогашниот најсилен старт на „Avengers: Endgame“ (357,1 милион).
Филмот во текот на првата седмица постави нови историски граници и за најуспешен понеделник и вторник на кино-благајните. Со ова продолжува златната економска низа за студиото Сони, кое успеа да го капитализира интересот на публиката со најголемиот хит во тековната кино-сезона.