НФЛ играч ја загуби тужбата против бившата сопруга за големината на неговиот пенис

Американски судија пресуди дека инфлуенсерката не ја нарушила приватноста кога јавно раскажа зошто сексот во бракот завршувал со солзи.
Фото: Neon Tommy, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Американскиот окружен судија Патрик Шилц ја отфрли тужбата за нарушување на приватноста што поранешниот НФЛ играч Мет Калил ја поднесе против својата поранешна сопруга, моделот Хејли Калил. Спорот започна откако инфлуенсерката во јавен интернет пренос откри дека преголемата анатомија на спортистот била главната причина за нивниот развод. Судот во Минесота оцени дека споделувањето на сопственото брачно искуство не претставува правен прекршок.

Брачниот спор влезе во судница по гостувањето на Хејли Калил на платформата Твич кај стримерот Марлон Гарсија. Во разговорот за причините за пропаѓањето на бракот со некогашната ѕвезда на тимовите Минесота вајкингс и Каролина пантерс, таа посочи дека физичката некомпатибилност била непремостлива пречка.

Откако првично се обиде да ја напише пораката на телефон за да не ја изговори јавно, инфлуенсерката сепак пред публиката опиша дека проблемот бил во екстремните димензии на неговиот полов орган. Таа наведе дека тој спаѓа во „нула точка нула еден процент од популацијата“, правејќи вирална споредба со лименки од сок. Додаде и дека двајцата безуспешно барале помош од лекари и брачни терапевти пред дефинитивно да стават крај на заедничкиот живот.

Мет Калил поднесе тужба во јануари тврдејќи дека станува збор за недозволено откривање приватни факти што му нанело јавен срам и исмевање. Сепак, судијата заклучи дека опишувањето на сопствениот брачен живот и причините за развод спаѓаат во легитимна лична приказна, особено кога нема елементи на фабрикувана клевета.

Со оваа одлука тужбата на поранешниот офанзивен линиски играч е целосно отфрлена во прва инстанца, со што заврши еден од најбизарните правни спорови меѓу познатите личности во американскиот спорт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс