Две момчиња спасени откако биле однесени од надојдените води на реката Треска кај Матка

Поради надојдената вода, од силниот воден тек биле однесени две малолетни лица на возраст од 15 години и едно 18-годишно лице

Центарот за управување со кризи информира дека денеска преку Единствениот број за итни повици 112 била примена пријава дека три лица, кои се капеле во реката Треска, биле однесени од надојдената вода предизвикана од зголемен испуст од браната „Матка“ за потребите на производство на електрична енергија.

Поради надојдената вода, од силниот воден тек биле однесени две малолетни лица на возраст од 15 години и едно 18-годишно лице. Едното малолетно лице веднаш било извлечено од водата, додека другите две лица биле пронајдени низводно по течението на реката Треска. Сите три лица се спасени, живи се и немаат видливи повреди.

„По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи веднаш ја координираше интервенцијата и побара ангажирање на Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Општина Сарај, ХЕЦ „Матка“, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Итната медицинска помош“ велат од ЦУК.

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при престој покрај реките и езерата, особено во близина на брани и хидроенергетски објекти, каде што нивото и брзината на водата можат нагло да се променат поради контролирани испусти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс