TRANSMIssION во Public Room: тапанот, џезот и електрониката во една музичка одисеја

На 12 јуни во Public Room во Скопје, публиката ќе има можност да присуствува на концерт кој ги поврзува традицијата, џезот, електрониката и современите експериментални форми. TRANSMIssION, проектот на македонскиот перкусионист и композитор Александар Петров, е замислен како музичко патување низ корените и иднината на звукот.

Во центарот на проектот е тапанот, еден од најстарите инструменти на овие простори. За Петров, тој не е само традиционален инструмент, туку симбол на културна меморија и ритам што може да зборува на универзален јазик.

Концертот ќе биде поделен во две целини. Првиот дел, TRANSMIssION Acoustic, ќе донесе нови и стари композиции на Александар Петров, како и музика инспирирана од македонското културно наследство и традиционалните песни собрани од етномузикологот Васил Хаџиманов.

Во вториот дел, TRANSMIssION Electronic, публиката ќе влезе во современ звучен простор исполнет со електронски текстури, импровизација и амбиентални звучни пејзажи.

На сцената ќе настапат Александар Петров на тапан и перкусии, Тања Царовска со својот препознатлив вокал, Симеон Петров на клавијатури и труба, Филип Динев на гитара и ефекти, како и француската диџејка и продуцентка Lenna, која ќе донесе електронска енергија преку лупови и современи звучни ефекти.

Тања Царовска е една од најпрепознатливите македонски музички уметници со меѓународна кариера, позната по соработките во филмски, телевизиски и театарски продукции, меѓу кои и „The Passion of the Christ“ и „Troy“.

Александар Петров, пак, е меѓу ретките музичари кои традиционалниот македонски тапан го внесуваат во современи контексти – од џез и world music до импровизирана музика и современ танц. По студиите по класични перкусии во Париз, тој настапува и соработува со големи имиња од меѓународната сцена.

TRANSMIssION е концерт што ги руши жанровските граници и создава простор за дијалог меѓу локалното и универзалното, акустичното и електронското, наследството и иднината.

Концертот ќе се одржи на 12 јуни 2026 година во Public Room, со почеток во 21:00 часот. Билетите се достапни преку tix.mk.

е-Трн да боцка во твојот инбокс