Трамп им забрани пристап до Белата куќа на CNN, Politico и MS NOW

Американскиот претседател ги обвини трите медиуми за измислици и најави дека списокот на непожелни редакции наскоро ќе се прошири.
EPA images

Американскиот претседател Доналд Трамп со итен ефект им забрани пристап до Белата куќа на новинарите на CNN, Politico и MS NOW. Обраложувајќи ја одлуката на социјалната мрежа Truth Social, Трамп го оцени нивното известување како лажно и најави дека мерката нема да застане тука. Тврдењата повторно го отвораат прашањето за односот на новата администрација кон независните медиуми и слободата на известување од претседателскиот кабинет.

Трамп ја објави забраната директно преку својот профил на Truth Social. Во пораката наведе дека на медиумите не треба да им се дозволи постојано да пишуваат измислици и невистини за претседателот, администрацијата или државата.

Мерката стапува на сила веднаш. Според најавата, ова не е изолиран чекор. Претседателот додаде дека ќе следат и други медиуми што шират информации кои тој ги смета за невистинити, со што навести натамошно стеснување на новинарскиот пул во Вашингтон.

Посебен фокус во нападот доби порталот Politico. Трамп тврди дека за време на мандатот на Џо Бајден, медиумот добил нелегална претплата од осум милиони долари од федералната влада за да се одржи во живот.

Официјалните податоци за јавните набавки потврдуваат дека Politico навистина примил над осум милиони долари од сојузните институции во текот на фискалната 2024 година. Сепак, станува збор за регуларни комерцијални договори за пристап до специјализираниот сервис Politico Pro за потребите на владините службеници, а не за каква било форма на директна државна помош.

Истиот сервис го користеа федералните агенции и за време на првиот мандат на Доналд Трамп. Досега нема никакви правни наоди или истраги што укажуваат дека тие набавки биле спротивни на законот.

Покрај CNN и Politico, забраната го опфати и MS NOW. Станува збор за кабелскиот информативен канал кој до неодамна работеше под препознатливото име MSNBC.

Трамп отворено го критикуваше и овој медиум за начинот на кој ги следи одлуките на извршната власт. Оваа мерка значи дека репортерите на трите куќи губат пристап до секојдневните брифинзи во салата Џејмс Брејди и официјалните настани во Западното крило.

е-Трн да боцка во твојот инбокс