Трамп ја преименува ВИ во СИ, па Словенија доби наплив на барања за регистирање домен .si

По најавата на Трамп дека САД ќе користат „суперинтелигенција“ наместо вештачка интелигенција, Словенија бележи по 3.700 регистрации на домени дневно.
Фото: Official White House Photo by Andrea Hanks

Американскиот претседател Доналд Трамп иницираше ново брендирање на вештачката интелигенција во „суперинтелигенција“ (СИ), што предизвика неочекуван глобален наплив за отворање веб-страници со словенечката национална интернет-наставка „.si“. Официјалниот регистар во Љубљана потврди дека дневно добива илјадници барања, што претставува рекорден пораст за земјата со 2,1 милион жители.

За време на своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации, Доналд Трамп ја образложи одлуката за промена на терминологијата со оценка дека досегашниот назив создава погрешна перцепција.

„Зборот ’вештачка интелигенција‘ прави да звучи лажно“, изјави Трамп, додавајќи дека кратенката СИ (SI) „звучи многу подобро“.

Тој најави дека Соединетите Американски Држави во официјалните документи ќе почнат да го користат, според него, „многу поточниот термин ’суперинтелигенција, СИ‘“.

Официјалниот суфикс „.si“ е национален интернет-домен на Словенија наменет за веб-локации поврзани со оваа алпска држава. Говорот на Трамп веднаш ги активираше технолошките ентузијасти и компаниите ширум светот да почнат со масовен закуп на адреси со оваа наставка.

„По говорот бележиме силен, но стабилен пораст на барањата за користење на доменот ’.si‘“, соопшти Клара Херман, портпаролка на Register.si, агенцијата што управува со националниот регистар.

Според податоците на агенцијата, просекот изнесува 3.700 нови регистрирани домени секој ден по настапот на Трамп. За споредба, во текот на целиот август биле поднесени вкупно околу 3.500 барања. Со овој скок, вкупниот број активни словенечки домени надмина 220.000.

Поради зголемениот интерес и ризикот од заземање на имињата, словенечката агенција излезе со официјално предупредување на својата интернет-страница. Од Register.si „силно им препорачуваат на носителите на трговски марки, слогани, имиња на компании и други кои сè уште немаат .si домен, да го регистрираат што е можно поскоро“.

Ова не е првпат национален домен од регионот да добие светска популарност поради игра на зборови или кратенки. Црногорскиот суфикс „.me“ со години наназад масовно се користи за лични страници и промотивни алатки на глобално ниво, вклучително и од апликацијата за пораки Telegram преку нејзиниот официјален краток домен t.me.

е-Трн да боцка во твојот инбокс