Трамп со закана до Иран: Отворете го Ормускиот Теснец или ќе следи силен американски удар

Американскиот претседател тврди дека клучниот поморски премин за светската трговија со нафта наскоро ќе биде повторно отворен, додека Вашингтон најавува напредок во преговорите со Техеран.

Американскиот претседател Доналд Трамп упати остра закана до Иран, порачувајќи дека Ормускиот Теснец наскоро ќе биде повторно отворен или Техеран ќе се соочи со силен американски напад. „Протокот ќе биде отворен многу брзо, или тие ќе бидат многу силно погодени, а потоа протокот ќе биде отворен“, изјави Трамп во интервју за Fox News.

Изјавата доаѓа во период на зголемени тензии околу Ормускиот Теснец – еден од најважните светски поморски коридори низ кој минува значителен дел од глобалниот извоз на нафта.

Трамп ја даде изјавата за време на посетата на јужна Калифорнија, каде што присуствуваше на донаторска вечера за Републиканскиот национален комитет, организирана во неговиот голф-комплекс „Ранчо Палос Вердес“ во близина на Лос Анџелес.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во разговорите со Иран и Оман е постигнат одреден напредок, но дека сè уште нема конечен договор за повторно отворање на Ормускиот Теснец. Евентуално подолго затворање на овој поморски премин би можело сериозно да влијае врз светските пазари на енергенси и да предизвика нов раст на цените на нафтата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс