Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за емисијата „60 минути“, емитувано во неделата вечерта, даде досега најопширен осврт на изборниот пораз на републиканците на минатонеделните избори за Конгресот. Притоа, навести и можност за соработка со демократите околу спорното прашање на имиграцијата.
Трамп не презеде лична одговорност за тешкиот изборен пораз, и покрај нискиот рејтинг на поддршка. Тој оцени дека републиканските кандидати не успеале да ја пренесат неговата популарност во сопствените изборни трки.
Иако призна дека некои потези на неговата администрација биле непопуларни, не покажа подготвеност за пошироки компромиси во момент кога демократите се подготвуваат да ја преземат контролата врз Конгресот, објави Си-Ен-Ен, пренесува Н1 Хрватска.
Депортациите биле „престоги“
Зборувајќи за причините за слабите резултати на републиканците, Трамп ги посочи Иран и лошата комуникација со гласачите. Но, призна и дека строгата имиграциска политика на неговата администрација, во чии рамки беа уапсени и депортирани илјадници мигранти без регулиран престој, била непопуларна и отишла предалеку. „Беше престрого“, рече Трамп, посебно осврнувајќи се на мигрантите кои живеат во САД десет или повеќе години и не сториле тешки кривични дела.
Ова е значајно признание од претседателот, кој токму на строгата имиграциска политика ја темелеше голем дел од својата кампања во 2024 година. За само две години, прашањето што му помогна да ја освои поддршката на гласачите се претвори во политички проблем за неговата партија.
Трамп наводно изразувал и сомнежи зад затворени врати за некои од методите што ги користела неговата администрација при приведувањето мигранти.
Сепак, не е јасно дали размислува за промена на имиграциската политика. Напротив, Стивен Милер, еден од главните архитекти на строгата политика кон мигрантите, беше назначен за нов шеф на кабинетот на Белата куќа.
„Попрво би отишол во пеколот отколку да им простам“
Интервјуто, кое го водеше Рос Дутат од Си-Би-Ес, заврши со разговор за тоа дали Трамп некогаш би можел да им прости на луѓето што ги смета за свои непријатели, дури и пред Божјиот суд.
„Мислам дека тие беа многу лоши луѓе и не ги сакам – можам да го употребам зборот мразам. Навистина мразам некои од моите непријатели“, рече Трамп, додавајќи дека веројатно не може да им прости и дека секогаш ќе ги мрази.
Прашањето следуваше по потсетувањето на минатогодишниот погреб на убиениот активист Чарли Кирк. Неговата вдовица, Ерика, тогаш јавно му прости на човекот осомничен за убиството на нејзиниот сопруг. Неколку моменти подоцна, Трамп излезе на сцената и изјави: „Ги мразам моите противници и не им посакувам добро“.
Во текот на годините Трамп создаде долга листа политички непријатели, од демократите и функционерите кои го истражуваа за време на неговиот прв мандат, до политичките ривали кои се спротивставуваа на неговите политики.
Иако повремено зборува за помирување, вклучително и минатата недела кога рече дека сака да соработува со демократите, неговиот вообичаен одговор на критиките е возвраќање кон оние за кои смета дека му нанеле неправда.
Порака до Венс за војната во Иран
Кога потпретседателот Џеј Ди Венс минатата недела оцени дека војната со Иран е главната причина за изборниот пораз на републиканците, Трамп во голема мера се согласи со неговата процена. Но, неколку дена подоцна ја дополни својата позиција.
Тој рече дека би сакал Венс појасно да ја поддржел одлуката за војната, дури и додека зборувал за нејзините политички последици.
„Единствено што би сакал да го кажеше, ако навистина така мисли, а тоа треба да го прашате него, е: Ако требаше повторно да ја донесете таа одлука, дали би постапиле исто? Тој е вклучен во процесот на донесување одлуки. А мојот одговор е одлучно – да“, рече Трамп.
Тој потврди дека Венс разговарал со него пред да го објави својот текст за Иран, но навести дека не разговарале детално за неговата содржина.
„Ме праша: ‘Што мислите?’ Му реков: ‘Напишете го она што го чувствувате’. Што друго би напишал?“, раскажа Трамп.
Не е сигурен дали ќе го поддржи Венс за наследник
Објавата на Венс за војната во Иран во Вашингтон беше протолкувана како обид на потпретседателот да заземе почетна позиција пред можната претседателска кандидатура во 2028 година.Но, во интервјуто Трамп навести дека Венс нема автоматски да ја добие неговата поддршка доколку се кандидира. Претседателот дури остави отворена можност воопшто да не поддржи ниту еден кандидат.
На прашањето дали би го поддржал Венс, Трамп одговори: „Веројатно. Но, не нужно“.
Подоцна додаде дека можеби би било подобро воопшто да не се вмешува во трката. Кога беше прашан кој, покрај Венс, би можел да се најде на неговиот список на потенцијални наследници, Трамп го пофали државниот секретар Марко Рубио.
„Мислам дека Марко е одличен. Навистина ја сака работата и ја врши одлично. Тој е еден од оние што се разгледуваат, но има и многу други чии имиња не би ги споменал. Има неколку одлични сенатори. Сите ги познавам и многу ми се допаѓаат“, рече Трамп.
Како што се приближува кон последните години од својот претседателски мандат, Трамп ќе мора да се соочи со прашањето за иднината на Републиканската партија без неговото лидерство. Во интервјуто повтори дека неговата поддршка сè уште има голема тежина меѓу републиканските гласачи.
Прашања за богатството и можниот судир на интереси
Еден од најнапнатите делови на интервјуто се случи кога Дутат го праша Трамп за обемните деловни интереси на неговото семејство, вклучително и вложувањата во криптовалути, за кои демократите обвинуваат дека отвораат простор за корупција. Трамп рече дека со неговите пари управува еден од неговите синови, кого го опиша како „многу чесен и добар човек“, и дека најголемиот дел од средствата се доверени на големи инвестициски компании од Волстрит.
Според објавените информации, Трамп заработил повеќе од една милијарда долари од различни криптовалутни бизниси што тој и неговите синови ги започнале непосредно пред неговата претседателска инаугурација минатата година.
Инвестициска компанија поврзана со Обединетите Арапски Емирати купила речиси половина од криптовалутната компанија на семејството Трамп пред неговата втора инаугурација. Претседателот ги отфрли сомнежите дека странски држави се обидуваат да купат влијание во Белата куќа. Рече дека „секој претседател има проблем“ со надворешни субјекти кои се обидуваат да му се додворат.
