Француската политичарка Марин Ле Пен сака да ја укине или значително да ја намали улогата на дипломатската служба на Европската Унија доколку победи на претседателските избори во Франција во 2027 година. Планот би ги опфатил и овластувањата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), предводена од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.
Ова го откриваат четворица функционери на француската партија Национален собир, кои за „Политико“ зборувале за плановите на партијата за преуредување на односите меѓу националните влади и институциите во Брисел. Според нив, намалувањето на улогата на европските институции би значело и ограничување на дипломатската служба, која, според нив, ги дуплира активностите на националните дипломатии.
„Реалноста е дека нејзината корисност е многу ограничена и дека таа ја дуплира дипломатијата на земјите членки. Никој не го признава нејзиниот легитимитет, особено не САД и Кина“, изјавил Шарл-Анри Галуа, советник на претседателот на Националниот собир, Жордан Бардела.
Критиките на партијата се насочени кон улогата на ЕУ во надворешната политика и кон идејата за заедничко дипломатско претставување на европско ниво. Националниот собир смета дека државите членки треба да имаат поголема контрола врз дипломатските одлуки, наместо тие да се координираат преку Брисел.
Несогласувања и околу Украина
Разликите меѓу ставовите на Ле Пен и Калас особено се видливи во односот кон војната во Украина. Калас е меѓу најгласните поддржувачи на Украина и критичари на руската агресија, додека Ле Пен повикува на меѓународна мировна конференција и тврди дека Европа нема доволно средства за продолжување на помошта за Киев.
Пратеникот на Националниот собир, Жан-Пол Гаро, ја критикувал реториката на Калас за Украина, оценувајќи ја како премногу воинствена. Во меѓувреме, од Европската служба за надворешни работи ги отфрлиле критиките на партијата на Ле Пен. Портпарол на службата изјавил за „Политико“ дека европската дипломатија ги штити интересите на сите Европејци, вклучително и на Франција, а глобалната мрежа на делегации на ЕУ претставува важна стратешка предност.
„Без заедничката моќ на Европа, Франција нема шанси сама да им се спротивстави на САД или Кина“, изјавил и ирскиот европратеник Бери Ендрус, кој претседава со парламентарната комисија за развој.
Франција не може еднострано да го укине или да го намали буџетот на европската дипломатска служба. Но, доколку дојде на власт, Националниот собир би можел да се обиде да изгради сојузи со други влади и политички сили во ЕУ за промена на улогата и финансирањето на европските институции.
Партијата веќе најави дека сака да го намали придонесот на Франција во буџетот на ЕУ за 2027 година за 11 милијарди евра. Според процените, францускиот придонес би изнесувал околу 30 милијарди евра. Плановите на Ле Пен се дел од пошироката политичка стратегија за враќање на надлежностите од Брисел во националните престолнини, особено во областите на надворешната политика, безбедноста и финансирањето на европските институции.
