Трамп од говорницата на ОН му се закани на Иран и побара да запре убивањето во Украина

Во говорот Трамп се осврна и на договорот со Данска и Гренланд, најавувајќи изградба на две големи американски воени бази

Американскиот претседател Доналд Трамп, во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, ја бранеше американската воена интервенција против Иран, најави продолжување на мировните напори за Украина и ја истакна надмоќта на САД во развојот на вештачката интелигенција.

Трамп го опиша иранскиот режим како долгогодишна закана и тврдеше дека американските дејства го спречиле Техеран да дојде до нуклеарно оружје.

„Терористичкиот режим не се однесува лошо затоа што е силен и самоуверен, туку затоа што е слаб и очаен. Ако останеме обединети, наскоро ќе видиме свет ослободен од 51-годишната закана на иранскиот терор“, изјави Трамп.

Тој го обвини Иран дека ги одложува преговорите за завршување на војната и целосно отворање на Ормускиот Теснец, наводно чекајќи да завршат конгресните избори во САД закажани за 3 ноември.

Американскиот претседател рече дека очекува договор со Техеран, но истовремено упати и отворена закана доколку дипломатските напори пропаднат.

„Дали ќе биде постигнат договор што ќе му овозможи на Иран повторно да се изгради и да стане подобра земја од кога било, или ќе ја уништам Исламската Република, брзо и без да ѝ дадам можност повторно да убива и да уништува луѓе и држави?“, рече Трамп.

Поголемиот дел од иранската делегација ја напушти салата за време на делот од говорот посветен на американските воени операции против Иран.

„Ќе ја завршиме војната во Украина“

Зборувајќи за руската инвазија врз Украина, Трамп повторно вети дека неговата администрација ќе успее да постигне мировен договор.

„Многу тесно соработуваме со лидерите на Русија и Украина и ќе го завршиме тоа. Ќе се случи, мислам, побрзо отколку што луѓето очекуваат“, рече американскиот претседател.

Трамп повика на итен прекин на крвопролевањето, порачувајќи дека е „време да запре убивањето“. Неговото обраќање доаѓа во период на обновени напади врз енергетската инфраструктура и без видлив напредок во обидите за постигнување примирје.

Две нови американски бази на Гренланд

Во говорот Трамп се осврна и на договорот со Данска и Гренланд, најавувајќи изградба на две големи американски воени бази на островот. Според него, засиленото американско присуство треба да придонесе за безбедноста на Арктикот и Северниот Атлантик.

Американскиот претседател повторно ја нагласи силата на НАТО, но и потребата европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност.

Вештачката интелигенција ја нарече „суперинтелигенција“

Трамп зборуваше и за глобалната технолошка трка, нагласувајќи дека државата што ќе доминира во развојот на вештачката интелигенција ќе има стратешка предност во иднина. Тој предложи технологијата да се нарекува „суперинтелигенција“ и тврдеше дека САД во оваа област се пред Кина.

Неговиот пристап беше спротивен на предупредувањето на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој повика развојот на вештачката интелигенција да биде одговорен и под човечка контрола.

Трамп во говорот повтори дека САД влегуваат во „златна ера“ и ја претстави својата надворешна политика како комбинација од воена сила и преговори. Неговото обраќање пред светските лидери беше доминирано од војната со Иран, конфликтот во Украина и американските безбедносни интереси на Арктикот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс