Алармантните извештаи што пристигнуваат од Куба ја вознемирија меѓународната јавност. Владата во Хавана официјално ги повика граѓаните да се мобилизираат и да бидат подготвени за одбрана на земјата, а според извештаи на венецуелски медиуми, властите веќе почнале да им делат оружје на цивили за да се подготват за можна воена инвазија.
Стравот од американска воена интервенција надвиснува над Куба со месеци, а активирањето на плановите за вонредни ситуации дополнително ја зголеми загриженоста и тензијата меѓу жителите на островот.
Рубио: „Куба е пропадната држава на работ на колапс“
Овие потези на кубанските власти следуваат по серија остри изјави од претставници на американската администрација. Особено силна реакција во Хавана предизвикаа зборовите на американскиот државен секретар Марко Рубио.
„Навистина не верувам дека овој систем ќе може да се реформира додека не дојдат нови луѓе на власт или не се појави поинаков пристап. Пропадната држава, пријателски настроена кон нашите непријатели, која се наоѓа само 90 милји од нашите брегови, претставува директна закана“, изјавил Рубио, обвинувајќи ја Куба за поддршка на радикален левичарски тероризам и дестабилизација на проамерикански влади.
Трамп: „Ќе се справиме со Куба“
Дополнително внимание привлече и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој кусо одговори на прашање на новинарите:
„Ќе се справиме со Куба кога ќе завршиме со Иран.“
Пентагон распоредува сили, расте загриженоста во Хавана
Според западни медиуми, ситуацијата не се смета за безопасна. Наводно, Пентагон веќе со месеци распоредува војници и воена опрема на позиции од кои би можела да се спроведе евентуална операција против Куба.
Новинарот Патрик Опман објави дека атмосферата во Хавана е исполнета со неизвесност. Според неговите информации, управителите на државни објекти веќе разговараат со вработените и станарите за организацијата и логистиката во случај на воена криза.
„Во владината зграда каде што се наоѓаат нашите главни канцеларии, еден од администраторите нè праша дали ќе ни треба работен простор и за време на евентуална инвазија“, пренел Опман.
Кубанците бараат деескалација
Меѓу жителите на Куба, според извештаите, владее чувство на вознемиреност и замор од долгогодишните политички и геополитички тензии. Многумина стравуваат од нов конфликт и повикуваат на смирување на ситуацијата. Во меѓувреме, кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел ги осуди новите американски санкции, оценувајќи дека нивната цел е дополнително да се зголеми притисокот врз земјата.
Односите меѓу Куба и Соединетите Американски Држави се затегнати уште од времето на Кубанската револуција, а последните изјави и активности дополнително ги зголемија стравувањата од нова криза во Карипскиот регион.