Деветнаесетгодишен мотоциклист почина по тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи кај Пластичарска во Скопје, на раскрсницата меѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“.
Според информациите од МВР, несреќата била пријавена во 22:21 часот. Во неа учествувале автомобил „ауди А4“, управуван од 31-годишниот Н.Х. од Визбегово, и двајца мотоциклисти, 21-годишниот Н.Б. и 19-годишниот М.Ф. од Скопје.
Младиот мотоциклист починал на Клиника
Деветнаесетгодишниот М.Ф. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“. И покрај напорите на медицинскиот тим, тој починал во 23:11 часот.
По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот е лишен од слобода. Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.
Обезбедени се снимки од видео надзор
Од Јавното обвинителство информираат дека се преземаат дејствија за целосно расчистување на случајот. Обезбедени се снимки од видео надзор, а се издаваат наредби и насоки за утврдување на сите околности под кои се случила несреќата.
Истрагата треба да покаже како дошло до судирот и кој ја носи одговорноста за трагедијата што згасна млад живот на една од најфреквентните скопски сообраќајници.