Силно торнадо ја погоди италијанската престолнина Рим, предизвикувајќи голема материјална штета, урнати дрвја и сериозни проблеми во сообраќајот. Според локалните извештаи, невремето со обилни дождови и силен ветер предизвикало поплави во повеќе делови од градот, при што најпогодени биле квартовите Номентано, Саларио и Париоли. Сообраќајот во овие зони бил речиси целосно блокиран поради високо ниво на вода и паднати дрвја.
Локалните медиуми наведуваат дека ветровите достигнале брзина и над 120 км/ч, додека градоначалникот на Рим Роберто Гуалтиери изјавил дека мерните станици забележале околу 90 км/ч, со уште посилни удари во центарот на бурата. Невремето оставило зад себе урнати дрвја, оштетени автомобили, поплавени улици и делумно уништени објекти. Во некои делови, силниот вртлог подигнал тезги од пазари и ги фрлил врз возила.
Најголема штета е забележана во северните и источните делови на градот, додека според првичните информации нема потврдени потешко повредени лица.