Најмалку 12 лица загинаа, а шест се повредени во големиот шумски пожар кај Лос Гаљардос во шпанската покраина Алмерија, соопштија властите во Андалузија. Пожарот избувна за време на силниот топлотен бран што ја зафати јужна Европа.
Дел од жртвите биле пронајдени во возила зафатени од пламените јазици. Според сведоци, пожарот најверојатно започнал по уривање на далновод, по што огнот брзо се проширил кон околната шума. Надлежните сè уште официјално не ја потврдиле причината. Околу 150 пожарникари, потпомогнати од специјализирани служби, се борат со огнената стихија, а евакуирани се околу 1.000 жители. Поради пожарот се затворени повеќе патишта, додека во акцијата е вклучена и Воената единица за вонредни ситуации (UME).
Меѓу повредените има лице хоспитализирано поради вдишување чад, едно лице со изгореници, како и уште четири лица со полесни повреди и проблеми со дишењето. Претседателот на регионалната влада на Андалузија, Хуанма Морено, трагедијата ја оцени како „страшен удар“, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите.
Во меѓувреме, екстремните температури од околу 40 степени Целзиусови предизвикуваат големи пожари и во Франција и Португалија, каде што стотици пожарникари се борат со огнените фронтови, а илјадници жители се принудени да ги напуштат своите домови.
Шпанија годинава бележи рекордно високи температури, а во некои делови од земјата се очекуваат и до 42 степени. Според европската климатска служба „Коперникус“, Европа е континентот што се затоплува најбрзо, што придонесува за сè почести топлотни бранови, продолжени суши и поразорни шумски пожари.
Според Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS), во 2025 година во Шпанија изгореле околу 393.000 хектари, што е повеќе од шест пати над долгорочниот просек, а минатата година беше најтешката сезона на шумски пожари во Европската Унија од почетокот на мерењата.