Екстремен топлотен бран ја погоди Европа, а метеоролозите предупредуваат дека климатските промени носат сè почести и поинтензивни горештини.

„Топлотна купола“ ја зафати Европа: Температурите во Лондон скокнаа за 20 степени за неколку дена

Екстремен топлотен бран, познат како „топлотна купола“, ја зафати Европа и донесе температури и до 10 степени над просекот за мај, претворајќи го пролетното време во услови типични за средина на лето. Особено драматичен бил скокот на температурите во Лондон, каде за само неколку дена температурата се искачила од 14 на дури 34 степени Целзиусови.

Во Мадрид туристите барале засолниште од жештините под сенките на плоштадот Plaza Mayor, додека многумина признале дека не биле подготвени за вакви услови.

„Очекувавме посвежо време и понесовме зимска облека“, изјавиле туристи од Сиднеј за британскиот весник The Guardian.

Слична состојба е регистрирана и во Париз, каде жителите предупредуваат дека малите станови и поткровја стануваат речиси невозможни за живеење за време на топлотните бранови. Во Даблин, пак, туристи пристигнале со зимски јакни и кабаници, очекувајќи дождливо ирско време, но наместо тоа ги пречекале невообичаено високи температури.

Жителите на Берлин спасот го бараат покрај езерата, додека дел од граѓаните предупредуваат дека градската инфраструктура не е подготвена за вакви екстремни горештини и недостиг од климатизација. Метеоролозите и климатските експерти предупредуваат дека ваквите екстремни временски услови стануваат сè почести поради климатските промени и глобалното затоплување, а топлотните бранови веќе не се ограничени само на летните месеци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс