Западна Европа се соочува со силен и невообичаен топлотен бран за овој период од годината, при што Франција пријави седум смртни случаи поврзани со екстремно високите температури. Според информации објавени од француските власти и пренесени од „Гардијан“, пет од случаите се поврзани со давење, додека останатите се под истрага. Властите нагласуваат дека конечната причина за смртта ќе биде утврдена по завршување на топлотниот бран, но постои сомнеж дека случаите се директно или индиректно поврзани со екстремните температури.
Во повеќе од 350 градови низ Франција се измерени рекордни температури за месец мај, што претставува историски максимум за овој период од годината. Највисока измерена температура достигнала 37,1°C во југозападниот дел на земјата. Топлотниот бран не ја заобиколи ниту Велика Британија, каде е соборен мајски температурен рекорд со 34,8°C измерени во Лондон, ниту Шпанија, каде се очекуваат температури и до 40°C во наредните денови.
Метеоролозите предупредуваат дека температурите се значително над просекот за овој период, со отстапувања од 12 до 13 степени над вообичаените вредности. Според експертите, вакви екстремни појави стануваат сè почести како последица на климатските промени. Климатски научници оценуваат дека ваков топлотен бран во мај претставува редок феномен со многу мала статистичка веројатност, речиси невозможен во прединдустриски услови.
Властите во погодените земји апелираат на внимателност, особено кај ранливите групи на населението, додека се очекува продолжување на високите температури во наредните денови.