Токсичен облак над Солун: Евакуирани три населби, изгореа две фабрики, пожарникари повредени

Големиот пожар кај Солун предизвика евакуација на три населби и дом за згрижување. Изгореа две фабрики, густ токсичен чад се прошири над градот, а четворица пожарникари се повредени.

Големиот пожар што избувна во близина на Солун предизвика сериозни последици, откако огнената стихија зафати индустриска зона во општината Ореокастро. Во пожарот изгореа две фабрики, а густ црн чад се прошири над западните делови на градот, поради што властите апелираа граѓаните да ги следат официјалните препораки.

Пожарот избувнал синоќа околу 20:30 часот во клисура во планински предел, а поради силниот ветер брзо се проширил кон рамничарскиот дел. Иако куќите биле заштитени, пламенот уништил фабрика за рециклирање и текстилна фабрика, при што се слушале повеќе експлозии од индустриските објекти.

Од безбедносни причини биле евакуирани жителите на населбите Антополис, Филотеј и Галини, како и дом во кој биле сместени 157 лица со попреченост. Дел од нив биле префрлени во локално училиште, а останатите во психијатриска болница.

Според грчките медиуми, пожарот во голема мера е локализиран и повеќе нема активен фронт, но противпожарните екипи и натаму се борат со жариштата за да спречат повторно разгорување.

Во гаснењето се ангажирани околу 160 пожарникари, 52 противпожарни возила, пет пешадиски тимови, како и два авиона и два хеликоптери кои продолжуваат со интервенциите од воздух.

Локалните власти предупредуваат дека чадот од запалените пластика, текстил, мазива и нафтени производи може да содржи опасни материи, па им препорачуваат на граѓаните да избегнуваат непотребно движење на отворено и да ги следат официјалните известувања.

Во пожарот се повредени четворица пожарникари. Тројца се хоспитализирани поради респираторни проблеми, додека еден се лекува од повреда на екстремитетите.

Во меѓувреме, грчката полиција приведе 76-годишен маж под сомнение дека по невнимание го предизвикал пожарот. Според првичните информации, истрагата ќе утврди дали искри од неговото возило биле причина за избувнувањето на огнената стихија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс