Токсичен инсектицид пронајден кај детско игралиште во Кисела Вода, експертите предупредуваат на сериозна опасност

Институтот за судска медицина потврди присуство на високо токсичниот инсектицид метомил, познат како ланате, во парчиња салама пронајдени во близина на детско игралиште во населбата Расадник. Од ЈП Лајка предупредуваат дека станува збор за супстанца која претставува сериозна закана и за животните и за луѓето, особено за децата.

Токсичниот инсектицид метомил, попознат во јавноста како ланате, е пронајден во парчиња салама оставени во близина на детско игралиште во населбата Расадник во скопската општина Кисела Вода, потврди Институтот за судска медицина по извршената токсиколошка анализа.

Информацијата ја соопштија од ЈП Лајка, од каде наведуваат дека станува збор за инсектицид кој одамна е забранет за употреба и увоз во Македонија, како и во земјите од Европската Унија, поради неговата екстремна токсичност и честата злоупотреба за труење животни.

Случајот бил откриен откако деца забележале сомнителни парчиња салама во близина на игралиштето и ги известиле своите родители. Загрижените граѓани потоа контактирале со ЈП Лајка, по што примероците биле испратени на анализа во Институтот за судска медицина.

Од претпријатието потсетуваат дека токму во населбата Расадник на 15 мај било регистрирано масовно труење на домашни и бездомни кучиња и мачки. Тогаш биле пронајдени отровни материи расфрлани и пред влезови на станбени згради.

„Станува збор за отров од кој животните умираат во агонија, со грчеви, пена од уста, губење на силата и гушење. Опасен е при голтање, вдишување и контакт со кожа, а само еден грам од овој инсектицид може да биде смртоносен за човек со телесна тежина од 70 килограми“, предупредуваат од ЈП Лајка.

Според нив, труењето со ланате во голем број држави се третира како еколошки криминал и сериозна закана за јавното здравје. Потсетуваат дека и во Македонија во минатото биле регистрирани случаи со смртни последици кај лица кои дошле во контакт со оваа супстанца.

Од ЈП Лајка бараат надлежните институции итно да откријат кој ја расфрла отровната материја на јавни површини и како таа нелегално се внесува во земјата.

Воедно, апелираат до граѓаните доколку забележат сомнителна храна со бела прашкаста материја да не ја допираат без заштитни ракавици, веднаш да ги оддалечат децата и домашните миленици, да го пријават случајот во МВР и во ЈП Лајка, како и да ја документираат локацијата со фотографии.

Од претпријатието предупредуваат дека станува збор за проблем што не ги загрозува само животните, туку и безбедноста и здравјето на сите граѓани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс