Вулканот Етна на Сицилија денеска активно еруптира, при што од кратерот се издигнуваат видливи облаци од пепел и дим. Снимки што кружат на социјалните мрежи прикажуваат високи столбови од темен чад над планината, додека ерупцијата се одвива под ведро небо. Видеа од блиските плажи и населби покажуваат како пепелта се издигнува во воздухот, а настанот го следат бројни набљудувачи.
Опсерваторијата за Етна при Италијанскиот национален институт за геофизика и вулканологија (INGV) соопшти дека исфрлањето на пепел започнало околу 7:45 часот по локално време, а активноста дополнително се интензивирала околу 8:45 часот. Според агенциските извештаи, привремено е прекинат дојдовниот авионски сообраќај на меѓународниот аеродром Катанија Винченцо Белини, но засега нема информации за евакуации на населението.
Етна, како еден од најактивните вулкани во Европа, често има помали до умерени ерупции, кои привлекуваат туристи, но истовремено претставуваат ризик поради пепелта што може да влијае на летовите и земјоделството во регионот.