Иако повеќето луѓе редовно ја одржуваат хигиената во својот дом, одредени површини кои редовно ги забораваме кријат огромни количества микроорганизми. Меѓу нив се кујнскиот мијалник, држачите за четкички за заби, далечинските управувачи и даските за сечење храна.
Кујнскиот мијалник е особено погоден за размножување на бактерии поради постојаното присуство на влага и остатоци од храна. Поради тоа, експертите препорачуваат негово секојдневно миење со детергент и топла вода, заедно со детално чистење на чешмата.
Држачите за четкички за заби брзо акумулираат бактерии поради комбинацијата од вода и паста. Пожелно е овие садови темелно да се мијат во машина за садови или да се потопуваат во врела вода еднаш неделно.
Далечинските управувачи ги допираат сите членови на домаќинството, па затоа бараат дезинфекција барем еднаш неделно. Од друга страна, даските за сечење бараат посебен третман со топла вода за да се избегне пренесување на бактерии од месото врз другите намирници.
Садовите за храна и вода на домашните миленичиња исто така можат да станат извор на зараза доколку не се одржуваат редовно. Нивното чистење треба да се прави секојдневно со топла вода и детергент за садови.
Пешкирите и крпите во кујната и бањата задржуваат влага, што го забрзува развојот на микроорганизми. Затоа е потребно добро да се сушат по секоја употреба и да се перат на висока температура најмалку еднаш во неделата.
За крај, сите чешми, рачки на тоалетните шолји, кваки и прекинувачи за светло треба да се дезинфицираат многу често. Овие површини ги допираме по десетици пати на ден, што ги прави главен извор за ширење бактерии низ домот.