Тими најверојатно угинал по драматичната спасувачка акција: Китот бил пуштен во прометен бродски коридор

Судбината на грбавиот кит Тими, кој со недели ја следеше светската јавност, заврши трагично. Експертите стравуваат дека животното угинало откако било пуштено во прометен бродски коридор во Северното Море.

Тими, грбавиот кит кој го привлече вниманието на светската јавност откако се насука во плитките води на Балтичко Море, најверојатно угинал по контроверзната спасувачка операција во Германија. По неколку неуспешни обиди за негово спасување, двајца приватни инвеститори финансирале последна акција за пренос на китот кон подлабоки води, иако дел од научниците предупредувале дека животното е премногу ослабено за да преживее.

„Не можам ни да опишам колку сум среќна. Се гледаше дека китот се бори и сака да живее“, изјавила бизнисменката Карин Валтер-Момерт за германскиот весник „Bild“ додека траела акцијата.

Сепак, денес околностите околу ослободувањето на китот остануваат нејасни, а експертите стравуваат дека Тими не преживеал.

„Не е јасно дали пливал или бил исфрлен“

Германскиот весник „Taz“ објави дека сè уште не е познато дали животното самостојно испливало од бродот или едноставно било оттурнато во морето. На социјалните мрежи се појавиле и тврдења дека дел од екипажот сакал што побрзо да се ослободи од китот.

Додека бил насукан, станало очигледно дека Тими е во многу лоша здравствена состојба. Дел од експертите дури сметале дека самиот кит ги избрал плитките води како место каде ќе угине, додека други барале да му се дозволи мирно да го дочека крајот.

Китот бил пуштен во прометен бродски коридор

Според ветеринарката Кирстен Тенис, која била дел од приватната спасувачка иницијатива, таа не добила дозвола да присуствува при ослободувањето на китот.

Таа тврди дека екипажот го пуштил животното „прерано и тајно“.

Првичниот план бил Тими да биде ослободен подалеку на запад, во отворен дел од Северно Море. Наместо тоа, бил пуштен околу 70 километри северно од Скаген во еден од најпрометните бродски коридори.

Морските биолози од Германски океанографски музеј сметаат дека китот најверојатно угинал.

„Животното беше екстремно ослабено и повторно се насукуваше по претходните спасувачки обиди. Многу е веројатно дека немало сила долго да плива во длабока вода и повеќе не е живо“, наведуваат експертите.

Спасувањето чинело најмалку 1,5 милиони евра

Карин Валтер-Момерт и основачот на MediaMarkt, Валтер Гунц, ја финансирале операцијата, чија вредност надминала 1,5 милиони евра.

Во сумата не биле пресметани трошоците за бродовите и екипажите што го транспортирале китот до Северното Море.

Сè уште не е познато како точно завршил транспортот на животното тешко околу 12 тони, кое според извештаите повеќепати удирало во ѕидовите на бродот поради силните бранови.

Контроверзии и околу уредот за следење

Спасувачката иницијатива тврдеше дека на китот му бил поставен уред за следење, преку кој можело да се следат неговите витални функции.

Но, данскиот морски биолог Питер Мадсен од Универзитет Архус ја оспори таа информација.

„Не постои комерцијален GPS уред што може да ги мери виталните функции на кит. Кој го тврди тоа — не ја зборува вистината“, изјавил Мадсен.

Еколошките организации предупредуваат: Морињата се во опасност

Повеќе организации за заштита на природата, меѓу нив и Greenpeace и WWF Germany, биле против транспортот на тешко повредениот кит.

Од WWF Germany предупредуваат дека и покрај тоа што 45 проценти од германските делови на Северно Море и Балтичко Море се заштитени подрачја, состојбата на морските екосистеми останува алармантна.

Експертите предупредуваат дека климатските промени, затоплувањето на водите, прекумерниот риболов и експлоатацијата на фосилни горива сериозно го загрозуваат морскиот свет.

Случајот со Тими отвори и поширока дебата за тоа дали јавниот интерес за неговата судбина ќе доведе до посилна борба за заштита на океаните и морските животни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни