Тим Кук се повлекува од Apple: Познат наследникот кој ќе ја води компанијата

По повеќе од една деценија на чело на Apple, Тим Кук се повлекува, а на негово место доаѓа Џон Тернус.

Извршниот директор на Apple, Тим Кук, се повлекува од функцијата по повеќе од една деценија на чело на технолошкиот гигант. Компанијата соопшти дека негов наследник ќе биде Џон Тернус, кој ќе ја преземе позицијата главен извршен директор од 1 септември.

Кук ќе остане во компанијата како извршен претседател на управниот одбор и ќе ја води транзицијата во текот на летото за да обезбеди непречен трансфер на раководството.

Во своето обраќање, Кук изјави дека водењето на Apple било „најголемата привилегија во неговиот живот“, нагласувајќи ја довербата што му била дадена да управува со една од највлијателните компании во светот.

Тој ја презеде компанијата во 2011 година, по заминувањето на Стив Џобс, и успеа да ја трансформира во глобален лидер со пазарна вредност од околу 4 трилиони долари. Под негово водство, Apple се прошири надвор од своите клучни производи како iPhone и Mac, влегувајќи во нови области како носливи уреди, здравствени технологии и дигитални услуги.

Токму во периодот на Кук беа лансирани производи како Apple Watch и AirPods, како и платформата Apple TV+, што значително го прошири екосистемот на компанијата. Истовремено, Apple успешно се справи со глобални предизвици како пандемијата на COVID-19 и трговските тензии меѓу САД и Кина.

Сепак, последните години беа обележани и со предизвици, особено во областа на вештачката интелигенција, каде што компанијата заостанува зад конкуренти како OpenAI и Google. Новите производи, како Vision Pro, сè уште не постигнаа масовен успех.

Новиот извршен директор, Тернус, е долгогодишен кадар на Apple и важи за еден од клучните луѓе зад развојот на производи како iPad и AirPods. Во компанијата е од 2001 година и постепено се искачуваше до врвот на менаџментот.

„Со понизност ја прифаќам оваа улога и ветувам дека ќе ја водам компанијата во духот на вредностите што ја дефинираат со децении“, изјави Тернус.

Оваа промена означува нова ера за Apple, која доаѓа во време на големи технолошки трансформации и засилена конкуренција во индустријата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни