Терористички напад во централен Израел: Едно лице загина, четворица повредени, напаѓачите ликвидирани

Пукање на повеќе локации во близина на Коав Јаир предизвика паника, а израелските безбедносни сили по потера ги неутрализираа двајцата осомничени напаѓачи.

Едно лице загина, а најмалку четири други се повредени во вооружен напад што денеска се случи во областа Коав Јаир во централен Израел. Израелските власти инцидентот го третираат како терористички напад. Според првичните информации од израелската полиција и службите за итна помош, пукањето се одвивало на повеќе локации во близина на безбедносната бариера кон Западниот Брег, што дополнително ги засили сомнежите дека станува збор за координирана акција.

Израелската полиција првично соопшти дека еден осомничен е уапсен, додека по вториот се трага. Подоцна беше потврдено дека двајцата напаѓачи се неутрализирани. Според информациите на безбедносните служби, еден од напаѓачите бил убиен во близина на населбата Цур Јицак, додека вториот бил ранет, успеал да избега, но подоцна бил пронајден и ликвидиран во близина на Тајибе, соопшти израелската армија.

Армијата наведува дека напаѓачите користеле возило со израелски регистарски таблички кое, според првичните сознанија, се движело нелегално. Службата за итна медицинска помош „Маген Давид Адом“ соопшти дека едно лице починало на местото на нападот, додека меѓу повредените има и едно лице во тешка состојба. Израелските безбедносни сили продолжуваат со истрагата за мотивите и околностите на нападот, додека безбедносните мерки во регионот се дополнително засилени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс