Техеран возвраќа на заканите на Трамп: „Притисокот нема да го скрши Иран“

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан порача дека Техеран нема да попушти под американски притисок, откако Доналд Трамп најави можни нови напади и побара ограничувања на иранската нуклеарна програма.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан остро реагираше на последните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека заканите за можни напади врз иранската инфраструктура се „знак на очај“, а не демонстрација на сила.

Неговата реакција доаѓа во време на ново заострување на односите меѓу Вашингтон и Техеран, по серијата меѓусебни обвинувања и воени инциденти во регионот на Персискиот Залив. Пезешкијан порача дека Иран нема да попушти пред притисоците и дека земјата ќе се спротивстави на секоја закана потпирајќи се на сопствените капацитети и националното единство.

„Иран, потпирајќи се на знаењето и способностите на своите експерти, националното единство и солидарност, силно ќе се спротивстави на секој притисок или закана“, изјави иранскиот претседател.

Тензиите дополнително се зголемија откако Трамп објави дека ирански дрон соборил американски хеликоптер „Апачи“ во близина на Ормускиот теснец и најави дека САД се подготвени за нови воени акции доколку не биде постигнат договор со Техеран.

Според американскиот претседател, Вашингтон е решен да спречи Иран да развие нуклеарно оружје. Од друга страна, иранските власти тврдат дека нивната нуклеарна програма има мирољубив карактер и дека нема да се откажат од правото на научен и технолошки развој. Дополнителен притисок врз Техеран доаѓа и од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која деновиве побара целосен пристап до иранските нуклеарни објекти и информации за резервите на збогатен ураниум.

Во меѓувреме, Иран ги оценува ваквите барања како дел од поширока политичка стратегија на западните земји и обид за зголемување на дипломатскиот притисок врз земјата. Аналитичарите предупредуваат дека секое понатамошно влошување на односите меѓу САД и Иран може да има сериозни последици за безбедноста во регионот и за глобалните енергетски пазари. Ормутскиот теснец, преку кој минува значителен дел од светската трговија со нафта, останува една од најчувствителните точки во светот.

Затоа актуелната размена на остри пораки не се смета само за дипломатски конфликт, туку за судир меѓу две спротивставени стратегии – американската политика на притисок и санкции и иранската политика на отпор и одбивање да прифати договор под услови што ги смета за неприфатливи.


е-Трн да боцка во твојот инбокс