Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата ја најавува танцовата работилница The Pleasure Practice (A Spell for Utopia) со кореографката лусијана ачугар од САД.
Работилницата ќе се одржи на 6 јуни 2026 година, со почеток во 12 часот, во КСП Центар-Јадро. Таа е дел од серијата работилници Култренинг, а се реализира во рамки на пролетното издание на Перформанс Платформа Фестивал 2026.
Настанот е отворен и за професионалци и за непрофесионалци, односно за танчери, уметници, практичари, како и за сите заинтересирани за современ танц, движење и телесна практика, без разлика на претходното искуство.
Во рамки на работилницата, лусијана ачугар ќе сподели дел од својот проект Pleasure Practice, кој се развивал низ повеќегодишна кореографска практика. Поаѓајќи од различни соматски модалитети на исцелување, интуитивно движење, дишење, звучење и телесна свесност, работилницата ги повикува учесниците во колективен процес што го истражува танцот како простор за исцелување, креативност, ритуал и поврзување.
Танцот како простор за поврзување и телесна слобода
Pleasure Practice предлага одучување од хиерархиските и ограничувачки модели на телесност и отвора можности за послободни, инстинктивни и релациски начини на бидување заедно.
Преку пристапен и инклузивен формат, работилницата создава заеднички простор за колективно истражување, оснажување, ранливост, радост и телесно замислување.
Бројот на учесници е ограничен, а учеството е бесплатно, со задолжителна претходна регистрација. Рокот за пријавување е 5 јуни 2026 година, до 17 часот.
Кореографка што ја гледа сцената како простор за утопија
лусијана ачугар е кореографка од Уругвај, која живее и работи во Бруклин. Нејзиниот уметнички развој се одвивал во близок дијалог со њујоршката и уругвајската заедница на современ танц, работејќи независно и колаборативно од 1999 година.
За неа, театарот е простор за утопија; утопијата е практика; практиката е ритуал; ритуалот е посветеност; посветеноста е танц, а танцот е практика на бидување во задоволството.
ачугар е добитничка на две Bessie Awards, а била номинирана и за Epilogue во рамки на OTRO TEATRO: True Love во 2016 година. Добила бројни признанија и грантови, меѓу кои Guggenheim Fellowship, Creative Capital, Foundation for Contemporary Arts, MAP Fund, Jerome Foundation, Austin Critic’s Award за најдобра гостувачка претстава во 2015 година, Alpert Award во 2017 година, како и NYFA Artist Grants.
Нејзиното најново дело PURO TEATRO: A Spell for Utopia започна како онлајн-проект на Инстаграм за фестивалот Time-Based Art на Portland Institute of Contemporary Arts во есента 2020 година, а премиерно беше изведено во живо во театарот The Chocolate Factory, во соработка со Skirball Center for the Performing Arts при NYU, во ноември 2021 година.
Во 2022 година ја добива стипендијата USA Doris Duke Fellow, а во јуни 2024 година завршува магистерски студии по танц на Bennington College.
Култренинг како простор за танцова едукација
Од 2016 година, Локомотива преку програмата Култренинг континуирано гради средина на поддршка за танцова едукација, размена на знаења и уметничка практика.
Иницијативата нуди часови и работилници за современ танц наменети за пошироката заедница, од професионални танчери и уметници, до ЛГБТИК+ заедницата и сите заинтересирани за техники на современ танц и истражување на движењето.
Во соработка со локални, регионални и меѓународни кореографи и танчери, Култренинг дава поддршка за развојот и видливоста на локалните уметници, истовремено создавајќи достапни можности за пошироката заедница да се вклучи во висококвалитетни работилници за современ танц, секогаш бесплатно.
Со текот на времето, програмата прерасна во значаен простор за одржување на практиките на движење, претставување нови едукативни пристапи во танцот, развивање грижа и градење колективен импулс.
Локомотива изразува благодарност до КСП Центар-Јадро за поддршката преку отстапување простор за реализација на програмата.
Перформанс Платформа Фестивал 2026 – пролетно издание е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд; Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија; проектот Dance Map, кој добива финансиска поддршка од Програмата за истражување и иновации на Европската Унија – Horizon Europe; и од програмата GPS/Global Practice Sharing на Movement Research, како дел од сезоната по повод 10-годишнината на GPS, со поддршка од Trust for Mutual Understanding.