СЗО постигна нов договор за идни пандемии

Правно обврзувачкиот договор има за цел да ја зајакне одбраната на светот од нови патогени, откако милиони луѓе починаа во пандемијата со коронавирусот помеѓу 2020 и 2022 година. Во предлогот се наведуваат мерки за спречување на идни пандемии и зајакнување на глобалната соработка

Членките на Светската здравствена организација (СЗО) постигнаа договор за подготовка на светот за идни пандемии, по повеќе од три години преговори, беше објавено утринава.

Правно обврзувачкиот договор има за цел да ја зајакне одбраната на светот од нови патогени, откако милиони луѓе починаа во пандемијата со коронавирусот помеѓу 2020 и 2022 година. Во предлогот се наведуваат мерки за спречување на идни пандемии и зајакнување на глобалната соработка. Тоа, меѓу другото, вклучува воспоставување на пристап до патогени, системи за споделување информации, како и развој на истражувачки капацитети во различни делови од светот.

Со договорот се предлага и глобален синџир на снабдување и логистичка мрежа, со фокус на зголемена отпорност и подготвеност на здравствените системи. „По повеќе од три години интензивни преговори, земјите членки на СЗО направија голем чекор напред во напорите светот да биде побезбеден од пандемии“, се вели во соопштението на здравственото тело.

Договорот генерално се смета за победа на глобалната здравствена агенција, во време кога мултилатерални организации како СЗО се погодени од сериозни кратења на странско финансирање од САД. САД учествуваа во раните фази на преговорите, но ги напуштија оваа година, откако новиот претседател Доналд Трамп во февруари издаде извршна наредба со која ги повлече САД од СЗО и од преговорите.

Предлогот ќе биде разгледан на политичкиот состанок на Светското здравствено собрание во мај, соопшти СЗО.

„Ова е историски момент и покажува дека со или без САД, земјите се посветени на заедничко дејствување и силата на мултилатерализмот“, изјави за „Ројтерс“ Нина Швалбе, основачка на глобалниот здравствен тинк-тенк Spark Street Advisors.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни