Шверцувани естетски препарати од Табановце завршувале во салон за убавина

На Табановце биле откриени вијали за слабеење и етикети, а истрагата потоа довела до салон каде биле пронајдени филери и други препарати.

Обвинителството отвори истрага против три лица по откривање криумчарени медицински и естетски препарати, меѓу кои средства за слабеење, дермални филери и производи за третмани на лице и тело. Случајот почнал на граничниот премин Табановце, а истрагата потоа довела до салон за убавина, каде, според сомневањата, дел од препаратите биле рекламирани и користени врз клиенти без документација за потекло, безбедност и законит увоз.

При контрола на комбе на Табановце, царинските службеници пронашле 535 вијали со средство за слабеење и 7.400 етикети со ознаки TIRZ 2.5 мг и TIRZ 5 мг, скриени во чаршави за постелнина. Наместо акцијата да заврши на граница, мобилен царински тим го ставил возилото под надзор и го следел до местото каде што требало да биде преземена пратката.

Во моментот на преземањето и исплатата била лишена од слобода сопственичка на салон за убавина. По налог на јавен обвинител, бил извршен претрес во салонот, каде биле пронајдени дополнителни криумчарени препарати: дермални филери, средства за разградување филери, препарати за редуцирање маснотии, контурирање на лице, отстранување брчки и подмладување.

Обвинителството ја води постапката против две лица за криумчарење и вршење јавен превоз без лиценца, а против сопственичката на салонот за прикривање стоки што се предмет на криумчарење и царинска измама, како и за производство и пуштање во промет штетни средства за лекување. За неа се побарани и мерки на претпазливост, меѓу кои редовно јавување, привремено одземање на патната исправа и забрана за контакти со другите осомничени.

Случајот отвора пошироко прашање за безбедноста на естетските третмани и контролата на препаратите што се користат врз клиенти. Кај филери, средства за слабеење и други производи што се нанесуваат или внесуваат во телото, потеклото и исправноста не се административна формалност, туку здравствена заштита. Без јасна документација и контрола, третман што се рекламира како рутински може да стане сериозен ризик за граѓаните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни