Најмалку 34 загинати во бродолом кај Сенегал: Мигрантите тргнале кон Канарските Острови

Најмалку 34 лица загинале откако брод со мигранти потонал покрај брегот на Сенегал, соопшти Сенегалската новинска агенција, повикувајќи се на официјални податоци. Министерството за внатрешни работи потврдило дека е спасено едно лице, додека бројот на исчезнатите сè уште се утврдува.

Малиот дрвен брод се превртел додека пловел кон Канарските Острови, кои се дел од Шпанија. Несреќата се случила во Атлантскиот Океан, во областа меѓу главниот град Дакар и Сен Луј, на северот на Сенегал.

Претседателот на Сенегал, Басиру Диомаје Фај, изрази сочувство до семејствата на загинатите и ги повика граѓаните да не ги изложуваат своите животи на опасност со обидите за преминување на морските рути.

Во објава на платформата Икс, тој најави дека државата ќе ја засили борбата против мрежите што ги организираат ваквите патувања.

„Бескомпромисно ќе се бориме против организаторите на овие преминувања, но и ќе работиме на тоа младите во Сенегал да имаат перспектива“, порача Фај.

Салиу Диуф, основач на сенегалското здружение за помош на мигранти „Боза Фи“, изјави за агенцијата АФП дека сите досега пронајдени тела се на државјани на Сенегал. Националноста на останатите патници засега не е позната.

Канарските Острови се главна влезна точка за мигрантите од Западна Африка

Новата трагедија повторно ги актуализира опасностите со кои се соочуваат мигрантите на морскиот пат кон Европа. Шпанската организација за права на мигрантите „Вокинг Бордерс“ наведува дека од јануари до мај 2026 година, на атлантската рута кон Канарските Острови загинале 635 лица. Според организацијата, ова е најголемиот број жртви на сите мигрантски рути што ги следи.

Нејзините процени покажуваат дека во истиот период на секои 100 лица што успеале да стигнат до Канарските Острови, животот го загубиле уште 21 лице. Канарските Острови станаа главна влезна точка во Европа за мигрантите од Западна Африка. Оваа рута стана пофреквентна по засилените контроли и соработката меѓу европските и северноафриканските држави, што веројатно пренасочило дел од миграциските движења од централниот Медитеран кон Атлантикот.

Во меѓувреме, на шпанскиот остров Ел Хиеро завчера беше прогласена вонредна состојба поради големиот број нови пристигнувања. Локалните власти соопштија дека од почетокот на ноември на островот пристигнале повеќе од 3.300 луѓе со околу 30 чамци.

Невработеноста ги турка младите од Сенегал кон опасниот пат

Сенегалските власти пред три дена пресретнале и друг брод со 142 мигранти, кој исто така пловел кон Шпанија. Меѓу патниците имало 23 жени, две бебиња и уште две деца. Според полицијата, патниците биле државјани на Сенегал, Гамбија, Гвинеја Бисао, Гвинеја и Нигерија.

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) како некои од главните причини за заминување од Сенегал ги наведува ограничените можности за вработување, семејниот притисок и веќе воспоставените миграциски мрежи.

И покрај опасностите од преминувањето на Атлантскиот Океан со преполни и несоодветни пловила, можноста за наоѓање работа и заработка во странство останува силен мотив за многу млади луѓе.

Податоците на сенегалската државна статистичка агенција покажуваат дека во второто тримесечје од 2026 година речиси секој четврти млад човек во земјата бил невработен.


Ова е еден од големите предизвици за владата на претседателот Фај, кој на изборите во 2024 година доби силна поддршка од младото население, меѓу другото и со ветувања за отворање работни места. Сенегалското Министерство за внатрешни работи соопшти дека ќе продолжи да се бори против мрежите за криумчарење мигранти, а во таа насока ќе ја зајакне и соработката со соседните земји.

е-Трн да боцка во твојот инбокс