Норвешка привремено го запира приклучувањето нови дата-центри на електроенергетската мрежа, поради загриженоста дека брзото ширење на инфраструктурата за вештачка интелигенција во следните години би можело да ги надмине расположливите енергетски капацитети.
Норвешкиот оператор на електроенергетската мрежа „Статнет“ денеска ја прекина обработката на барањата за резервирање капацитети за нови дата-центри. Одлуката ќе важи додека владата не воспостави систем за издавање дозволи со кои ќе го регулира нивното ширење.
Норвешка произведува повеќе електрична енергија отколку што троши и вишокот го извезува. Но, се очекува растот на потрошувачката од дата-центрите во наредните години да ги надмине расположливите капацитети и да создаде притисок врз цените на струјата.
Од „Статнет“ нагласуваат дека привремената мерка не значи општа забрана за приклучување дата-центри на мрежата.
„Сакаме подобро да го контролираме ширењето на дата-центрите и да се погрижиме да се градат оние што навистина ни се потребни“, изјави министерот за дигитализација и јавна администрација, Торгеир Микаелсен.
Приоритет ќе имаат одбраната, здравството и критичната инфраструктура
Предност при добивањето дозволи ќе имаат дата-центрите што ги поддржуваат потребите на одбраната, полицијата, итните служби, здравството и другите клучни системи, како мобилните мрежи и финансискиот сектор.
Од друга страна, пристапот до земјиште и електрична енергија ќе биде ограничен за глобалните компании што нудат услуги за управување со податоци и изнајмување компјутерски капацитети, како и за компаниите специјализирани за криптовалути. Министерот за енергетика Терје Осланд соопшти дека од почетокот на годината „Статнет“ примил барања за приклучување нови капацитети со вкупна моќност од 26.000 мегавати. Тоа е повеќе од сегашните производствени капацитети на Норвешка. Дури 75 отсто од барањата се однесуваат на дата-центри.
Владата најави и дека новите дата-центри ќе треба да ги покриваат трошоците што ги предизвикуваат за електроенергетската мрежа. Како дополнителна можност се разгледува и обврската дел од нив да изградат сопствени електрани на гас, вклучително и постројки со технологија за зафаќање и складирање јаглерод диоксид.
Норвешка не е единствената земја загрижена за потрошувачката на струја
Норвешкиот енергетски регулатор во октомври предупреди на зголемен ризик од недостиг на електрична енергија. „Статнет“ посочи дека дата-центрите можат нагло да ја менуваат потрошувачката и дека се почувствителни на прекини во снабдувањето отколку традиционалните големи потрошувачи.Норвешката управа за водни ресурси и енергетика процени дека годишната потрошувачка на електрична енергија од дата-центрите би можела да порасне од сегашните три до четири терават-часови на 25 терават-часови до 2035 година. Тоа би се случило во услови на ограничени можности за зголемување на производството.
Слични ограничувања најави и Португалија. Минатата недела земјата соопшти дека дата-центрите ќе мора да користат обновливи извори на енергија и технологии за ладење што не трошат вода за пиење, за да не го загрозат снабдувањето на домаќинствата и компаниите.
Ова го изјави министерката за животна средина, Марија да Граса Карваљо.
Финска истражува дали „Гугл“ ги прекршил еколошките прописи
Во Финска, полицијата отвори истрага за да утврди дали подружницата на „Гугл“, „Туике Финланд“, ги прекршила прописите за заштита на животната средина при подготвителните работи за изградба на дата-центар во близина на градот Мухос.
Финските власти му наредија на „Гугл“ да ги прекине подготвителните работи на локациите во Мухос и Кајаани-Отнамјаки поради можните негативни последици врз животната средина. Според полицијата, на градилиштето во Мухос биле забележани можни недостатоци во одводнувањето на теренот и управувањето со водите. Истрагата ќе ги опфати и другите околности поврзани со проектот.
Големите дата-центри можат дневно да потрошат и до 20 милиони литри вода, што е споредливо со потрошувачката на град со 10.000 до 50.000 жители, покажува истражување на американскиот Институт за истражување на животната средина и енергијата (ЕЕСИ).
Граѓаните стравуваат од еколошките последици
Новите дата-центри се сè поголеми и сè повеќе се насочени кон потребите на вештачката интелигенција. Освен што трошат големи количества вода и електрична енергија, тие можат да придонесат и за зголемување на емисиите на штетни гасови, предупредуваат од ЕЕСИ.
Истражување на „Галуп“, спроведено во мај, покажало дека повеќе од две третини од Американците се противат на изградба на дата-центри за вештачка интелигенција во нивна близина. Најголемата загриженост е поврзана со прекумерната потрошувачка на ресурси, особено вода и електрична енергија. Половина од испитаниците што се противат на изградбата ги посочиле токму овие проблеми. Од нив, по 18 отсто издвоиле прекумерна потрошувачка на вода, односно енергија.
Дополнителни 16 отсто навеле еколошки проблеми, како загадување на воздухот и водата и бучава. Поддржувачите на изградбата, пак, најчесто ги истакнуваат економските придобивки. Две третини од нив сметаат дека дата-центрите можат да донесат економска корист, а 55 отсто посебно го издвоиле отворањето нови работни места.
