Бензините поевтинуваат за 7 денари, дизелот за 5,5

Падот на берзите и примената на намалени акцизи донесоа просечно поевтинување на горивата за 7,51 отсто од полноќ..

Малопродажните цени на горивата од полноќ забележително се намалуваат, откако Регулаторната комисија за енергетика одлучи цените на нафтените деривати во просек да паднат за 7,51 отсто. Литар Еуросупер БС-95 од вторник ќе чини 86,00 денари, додека дизелот се спушта за 5,50 денари и ќе се продава по 94,50 денари за литар.

Одлуката на регулаторот носи значително олеснување за семејните и бизнис буџетите по неколку недели ценовен притисок. Литар бензин Еуросупер БС-95 се намалува за точно 7,00 денари и достигнува 86,00 денари, додека Еуросупер БС-98 исто така поевтинува за 7,00 денари и неговата нова цена изнесува 88,00 денари.

Кај дизел горивото намалувањето изнесува 5,50 денари по литар, со што Еуродизел БС ќе чини 94,50 денари. Екстра лесното масло за домаќинство ќе се продава по 103,50 денари (пад за 6,50 денари), додека цената на мазутот М-1 НС се намалува за 6,261 денари и ќе изнесува 49,312 денари за килограм.

Пресметката на регулаторот ги рефлектира движењата на меѓународните берзи и промените во даночната политика. Референтните цени на бензините на медитеранските берзи бележат пад од 12,34 отсто, додека кај дизелот падот изнесува 6,78 отсто. Денарот во однос на доларот бележи благо зајакнување од околу 0,52 отсто.


Дополнителен фактор за денешното намалување е примената на законските одредби за намалени акцизи од два денари за бензините и четири денари за дизелот, како и примената на повластената стапка на ДДВ од 10 отсто за дизел горивото. Новите малопродажни цени влегуваат во сила на 10 ноември во 00:01 часот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс