Дваесет и шестото издание на Скопје филм фестивал завршува денеска, 9 ноември, со свечено прогласување на победниците во Кино „Фросина“ од 19:00 часот. Веднаш по доделувањето на фестивалските признанија, публиката ќе ја гледа премиерата на „Електричен бакнеж“ на францускиот режисер Пјер Салвадори, наслов што годинава го отвори Канскиот фестивал. Затворањето го заокружува четиридневниот програмски циклус на две градски локации, со кој фестивалот отпочна стратешка трансформација кон европската културна престолнина 2028.
Последниот фестивалски ден започнува во 12:00 часот во Клуб МКЦ со третиот фестивалски мастерклас, предводен од Ники Никитин, реномиран меѓународен филмски селектор и куратор на СФФ2026. Мастеркласот е посветен на темата „Фестивалски стратегии: Дистрибуција на филмови и ефикасно користење на фестивалскиот пазар“, која нуди насоки и практични совети за младите автори и филмски професионалци. Во 13:00 часот во Кино „Фросина“, во рамки на „А1 Кинотека“, ќе биде прикажан филмскиот класик „Чувар на плажата во зимски период“ на Горан Паскаљевиќ.
Со почеток од 19:00 часот во Кино „Фросина“ ќе се одржи Свеченото затворање на СФФ2026, во чии рамки стручното жири официјално ќе ги соопшти добитниците на овогодинешните награди и признанија. Веднаш по церемонијата, во 19:30 часот, Скопје Филм Фестивал ќе ја затвори програмата со проекцијата на „Електричен бакнеж“ (The Electric Kiss) во режија на Пјер Салвадори, филм кој ја имаше својата светска премиера во рамки на отворањето на Канскиот филмски фестивал оваа година.
