Деветтата Регионална конференција за е-трговија, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), заврши со рекорден број учесници, говорници и партнери. Настанот, кој се одржа на 3 ноември во Скопје под мотото „From Wait to Go: E-commerce at AI Speed!“, собра над 900 учесници од повеќе од 12 земји, над 30 домашни и меѓународни говорници и повеќе од 80 партнери и поддржувачи.
Програмата донесе конкретни искуства и перспективи за примената на вештачката интелигенција, иднината на онлајн купувањето, прекуграничната продажба, дигиталните плаќања и логистиката. Претставници и експерти од компании како Amazon, Google DeepMind, LinkedIn, Tesla, Visa, Decathlon, Wolt, Ananas Ecommerce, Fitkit, Akcija24 и многу други ги споделија трендовите и практики што веќе го менуваат начинот на кој функционира дигиталната трговија.
Покрај меѓународните искуства, конференцијата понуди и осврт на развојот на е-трговијата во Западен Балкан преку најновите анализи на АЕТМ. Податоците ги истакнаа можностите за понатамошен раст, но и предизвиците поврзани со навиките за онлајн купување и сè уште високата застапеност на готовинското плаќање при достава.
Особена вредност на годинешното издание беше можноста за директно поврзување на претставници од бизнис-секторот, институциите и е-трговската заедница од регионот и пошироко. Преку размена на искуства, нови контакти и потенцијални соработки, конференцијата уште еднаш ја потврди својата улога како регионална платформа за знаење, вмрежување и развој на дигиталната економија.
Со девет успешно реализирани изданија и рекорден интерес, Регионалната конференција за е-трговија продолжува да расте и да ги поврзува компаниите и луѓето што ја обликуваат иднината на е-трговијата. Годинешното мото „From Wait to Go: E-commerce at AI Speed!“ испрати јасна порака: во време кога вештачката интелигенција со огромна брзина ја трансформира дигиталната трговија, регионот мора да премине од чекање кон дејствување, да го забрза темпото и навреме да ги искористи можностите што ги носат новите технологии.
Деветтата Регионална конференција за е-трговија се реализираше со поддршка на Visa како платинум партнер, КаСис како стратешки партнер, Iute Македонија како финтек партнер, А1 Македонија како дигитален партнер, Дајнерс и Ананас како златни партнери, Комерцијална банка, Халкбанк, Сава Пензиско Друштво, НЛБ Банка и Wolt како сребрени партнери, како и Минт, Сава Осигурување, Унибанка, Евроинс, РСМ, Акција24, Пивара Скопје, Зегин, ЕВН, Маркев и ELS како бронзени партнери, заедно со бројни други партнери и соработници.
