Анализата на организацијата NarativAI покажува дека 49 од вкупно 80 општини во Македонија немаат сопствен локален традиционален медиум, додека пет општини се целосно отсечени дури и од регионалното известување. Податоците произлегуваат од истражувањето „Кој ги раскажува нашите приказни?“, со кое е изработена првата заедничка интерактивна мапа на медиумски пустини во Македонија и Србија. Платформата им овозможува на граѓаните за помалку од една минута директно да пријават доколку од нивниот крај воопшто не се информира.
Кога во помалите средини ќе прекине водоснабдувањето, кога училиште ќе стави клуч на врата или кога општинскиот совет носи спорни одлуки, жителите на 49 општини во земјава немаат локален новинар што ќе го евидентира тоа на терен. Пет општини се наоѓаат во информативен вакуум бидејќи до нив не допираат ниту регионалните телевизии и радија.
Истражувањето се спроведуваше од мај до септември 2026 година, со вкрстена проверка на податоците од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Регистарот на печатени медиуми и Регистарот на професионални онлајн медиуми Onlinemedia.mk. Во Србија, анализата се потпира на Регистарот при Агенцијата за стопански регистри (АПР), Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и платформата Права мера медија.
Претседателот на NarativAI, Александар Манасиев, посочува дека одржувањето на локалното новинарство и враќањето на дописничката мрежа се суштински предуслов за функционирање на локалната демократија. Според него, целта на проектот е зајакнување на медиумите надвор од главните центри на моќ.
Терминот „медиумска пустина“ потекнува од американските истражувачи кои го анализираа падот на традиционалните редакции по кризата од 2008 година. Според дефиницијата на истражувачката Пенелопе Мал Рис Абернети од 2020 година, станува збор за секоја заедница каде граѓаните имаат исклучително стеснет пристап до веродостојни, сеопфатни информации потребни за јавен надзор врз институциите.
Манасиев објаснува дека медиумска пустина не претставува само изолирано село. Тоа може да биде цел град или урбана населба каде медиуми формално постојат на хартија, но локалните теми на граѓаните никогаш не влегуваат во вестите. Во Србија, дел од заедниците се потпираат исклучиво на социјалните мрежи, гласини и повремени извештаи од соседните градови, што го зголемува ризикот од дезинформации.
Податоците на мапата не се фиксен регистар, туку платформа отворена за јавни пријави од граѓаните на двете земји. Секој жител може преку пет чекори да го означи своето населено место:
- Отворање на платформата narativai.org/mapping-news-deserts и спуштање до делот со мапата.
- Избор на македонски или англиски јазик.
- Кликнување на „Start“ и лоцирање на општината или населбата.
- Избор на типот на проблем, со можност за краток опис и конкретен пример.
- Завршно кликнување на „Submit report“.
Секоја внесена пријава се третира како индикатор за можен дефицит на информирање. Проектот „Кој ги раскажува нашите приказни?“ е реализиран со поддршка на Европскиот фонд за Балкан (European Fund for the Balkans), а планот на организацијата е мапирањето да се прошири низ целиот регион.
