Свадбата на Дуа Липа вредна 35 милиони долари: Како еден приватен момент стана глобална маркетинг лекција

Граѓанската свадба на Дуа Липа и Калум Тарнер генерирала повеќе од 35 милиони долари медиумска вредност за модни и луксузни брендови.

Граѓанската свадба на Дуа Липа и Калум Танер во Лондон на прв поглед изгледаше како уште еден интимен момент од животот на познат пар. Но зад фотографиите исполнети со емоции, насмевки и романтика се крие приказна за маркетиншка вредност која денес се мери во десетици милиони долари.

Според податоците на компанијата Launchmetrics, која ја користи метриката Media Impact Value (MIV) за пресметување на финансиската вредност на медиумската и дигиталната видливост на брендовите, свадбата генерирала дури 35,2 милиони долари медиумска вредност за модните и луксузните брендови поврзани со двојката.

Оваа бројка не произлегува само од самата свадба или од изборот на облека на познатите личности, туку од начинот на кој ваквите настани денес се шират низ медиумскиот и дигиталниот екосистем. Фотографиите и објавите брзо се претвораат во содржина што ја пренесуваат портали, модни магазини, инфлуенсери и милиони корисници на социјалните мрежи.

Во конкретниот случај, неколку луксузни брендови забележале огромна медиумска експозиција. Креациите на Ferragamo генерирале околу 6,1 милион долари медиумска вредност, модниот бренд Schiaparelli достигнал дури 19,6 милиони долари, накитот на Bulgari создал вредност од 5,9 милиони долари, додека обувките на Christian Louboutin донеле дополнителни 3,6 милиони долари.

Она што е особено интересно за маркетинг експертите е фактот што најголемиот дел од вредноста не доаѓа директно од објавите на самите славни личности. Современите анализи покажуваат дека дури 77 проценти од вкупната медиумска вредност се создаваат преку таканаречениот „индиректен ехо ефект“. Тоа значи дека вистинската моќ се наоѓа во реакциите што ги предизвикува една објава – медиумски анализи, коментари, споделувања, реобјавувања од инфлуенсери и дополнителна содржина што ја создава публиката.

Во ерата на социјалните мрежи, славните личности повеќе не се само амбасадори на брендови или заштитни лица на рекламни кампањи. Тие стануваат иницијатори на цели комуникациски бранови кои се шират далеку надвор од нивните лични профили. Секој нов коментар, анализа или споделување дополнително ја зголемува комерцијалната вредност на оригиналната содржина.

Токму затоа свадбата на Дуа Липа денес се разгледува како пример за функционирањето на современата „економија на вниманието“, каде што вредноста не се создава исклучиво преку класично рекламирање, туку преку способноста на еден настан да предизвика реакции и разговори на глобално ниво.

Овој случај уште еднаш покажува дека во дигиталната ера границата меѓу приватниот живот, забавната индустрија и маркетингот станува сè потенка. Еден личен момент може за неколку часа да се претвори во глобална маркетинг приказна вредна десетици милиони долари, а вниманието на публиката да стане највредната валута на современиот пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс