Суво дрво се скршило и сериозно оштетило автомобил во скопската населба Карпош, објави Фејсбук групата „Заедно, за заштита на зеленилото во Карпош“.
Според објавата, дрвото се наоѓало на улицата „Волгоградска“ бр. 4 и речиси една година било обележано со црвена боја и буквата „С“, што означува дека е предвидено за сечење. И покрај тоа, како што наведува скопјанката Марија во реакцијата, дрвото не било навреме отстрането.
Таа посочува дека во непосредна близина имало и друго суво дрво кое се скршило и паднало врз автомобилот на нејзиниот сосед. Според сопственикот, возилото повеќе не е во употреблива состојба.
„Прашањето ми е каде да се реагира што службиве спијат? Дали ќе се чека да падне само од себе врз дете или повторно врз возило“, пишува скопјанката во својата објава.
Случајот повторно го отвора прашањето за одржувањето на урбаното зеленило, навременото отстранување на небезбедни дрвја и одговорноста на надлежните служби кога веќе постои обележување дека некое дрво треба да се исече.
Жителите бараат побрза реакција, особено затоа што сувите и оштетени дрвја претставуваат ризик не само за возилата, туку и за пешаците, децата и станарите во околината.