Граѓанската иницијатива „Support Kocani“ обезбеди медицински креми и препарати за нега на лицата повредени во пожарот во „Пулс“, во нова акција спроведена со донациски средства во вредност од над еден милион денари. Помошта е наменета за третман и закрепнување на повредените, а производите ќе се распределуваат преку младинскиот центар „Гнездо“.
Станува збор за пакет што вклучува креми со висок заштитен фактор, препарати за регенерација и специјализирани сетови за нега на кожа со изгореници. Од иницијативата велат дека производите биле избрани внимателно, според реалните потреби на засегнатите лица.
Како што информираат од „Support Kocani“, набавката била организирана во директна комуникација со повредените, со цел помошта да одговори на конкретните состојби и потреби на терен. Во процесот помогнале и аптеки што овозможиле попусти за дел од производите.
Кремите и другите препарати ќе бидат достапни за подигнување во младинскиот центар „Гнездо“, од каде ќе се врши нивна понатамошна распределба.
Од иницијативата порачуваат дека и понатаму ќе останат активно вклучени во помошта за погодените граѓани, нагласувајќи дека поддршката, солидарноста и заедништвото остануваат клучни и по првиот бран реакции.