Почна судењето за четири убиства на жени во Кумановско: обвинителството тврди дека мотивот бил некрофилија

Обвинетиот 25-годишен маж од Старо Нагоричане се товари за четири убиства и два обида за убиство на повозрасни жени. Обвинителството најави дека мотивот ќе го докажува преку обдукциски наоди, психијатриско вештачење и сведочења на преживеани жртви.

Во Основниот суд во Куманово денеска почна судењето против 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, обвинет за серија тешки кривични дела, меѓу кои четири убиства и два обида за убиство на повозрасни жени во Кумановскиот Регион.

Според обвинението, станува збор за дела извршени со умисла и од особено ниски побуди. Обвинителството тврди дека главниот мотив за злосторствата бил некрофилија, односно задоволување полови страсти врз телата на жртвите по нивната смрт.

По завршувањето на првото рочиште, јавниот обвинител Љубомир Лапе изјави дека случајот е без преседан во судската практика во регионот. Тој посочи дека обвинителната теорија била градена и врз основа на ретки случаи од светската судска практика.

Мотивот, според обвинителството, ќе се докажува преку обдукциските наоди, психијатриското вештачење и сведочењата на двете жени кои ги преживеале нападите.

Обвинителот не одговори дали обвинетиот признал вина во текот на истрагата, со образложение дека за тоа не може да говори пред доказите да бидат изведени во судската постапка.

Според обвинението, првото убиство било извршено во јануари 2025 година во селото Клечовце. Потоа следувале уште три убиства во Драгоманце, Старо Нагоричане и Челопек, како и два обида за убиство во Челопек. Жртвите, според обвинителството, биле повозрасни и немоќни жени.

Доколку биде прогласен за виновен, на обвинетиот му се заканува казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.

Обвинителството информираше и дека во Вишото јавно обвинителство Скопје се води посебен предмет за евентуална одговорност на лекари кои, според наводите, не утврдиле дека дел од смртните случаи биле насилни. Поради тоа, дел од жртвите првично биле погребани како да починале од природна смрт, а подоцна биле ексхумирани.

Следното судско рочиште е закажано за 31 август, кога треба да продолжи доказната постапка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс