Со изведување материјални докази од Обвинителството, денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На денешното рочиште Обвинителството презентираше докази поврзани со агенцијата „Рубикон Секјурити Солушнс“, која била ангажирана за обезбедување на објектот во кој се наоѓала дискотеката.
Доказите се однесуваат на околностите поврзани со обезбедувањето, планот за надзор, како и на преземените и непреземените обврски од страна на агенцијата.
Во судницата беше презентирана дозволата за работа на „Рубикон“, како и листата на вработени. Според Обвинителството, во агенцијата биле вработени Јане Јанчевски, Мартин Георгиев, Лазар Захариев и Стојанчо Димитриев.
Обвинителството посочи дека Георгиев, Захариев и Димитриев имале лиценца за обезбедување, додека лицето Ивица Грозданов немало таква лиценца.
Беа изведени и фото-документација и докази обезбедени при претрес на канцеларијата на „Рубикон“, како и одземена документација.
На почетокот на рочиштето, Судот до Обвинителството достави предлог од одбраната на обвинетите Александар Нацев и Јане Јанчевски да не се изведуваат доказите што произлегуваат од анализа за присуство на метаболити во крв и урина кај обвинетите, со образложение дека се незаконити и нерелевантни.
Одбраната на Нацев реагираше дека доказот задира во приватната сфера на обвинетиот и дека не е јасно зошто би бил релевантен за предметот, особено затоа што бил обезбеден три месеци по критичниот настан, а Нацев не бил на местото на настанот во моментот на трагедијата.
„Се противам на изведување на овој доказ како ирелевантен за предметот и затоа што не утврдува факти релевантни за кривично-правниот настан“, изјави адвокатот на Нацев.
Обвинителството, пак, посочи дека доказот е обезбеден со наредба на ОЈО Скопје, доставен до ОЈО Кочани со писмен допис од 27 јуни 2025 година и предложен во листата на докази за обвинетиот Александар Нацев.
Судот побара да продолжи изведувањето на останатите докази, а за спорните докази ќе се произнесе дополнително.
На почетокот на рочиштето забелешка на претходно изведените докази даде и обвинетиот Шабан Салиу, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Тој рече дека од досегашните докази не произлегува дека како директор на ДЗС во периодот од 2012 до 2017 година можел да претпостави или да се согласи дека во објектот на дискотеката „Пулс“ ќе се случи трагедијата.
Салиу истакна дека инспекциски контроли можеле да се вршат само врз објекти за кои ДЗС била известена дека постојат, а според него, ДЗС не била известена за објектот „Пулс“.
Адвокатот на обвинетиот Аднан Џаферовски наведе дека истото што го кажал Салиу важи и за неговиот клиент, со разлика во периодот, односно од 2017 до 2021 година.
Судењето продолжува во доказна постапка, со изведување материјални докази од Обвинителството.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.